ВЕНЕЦУЕЛА ВЛЕГУВА ВО БИТКА ЗА МИЛИЈАРДИ 31 тон злато во Лондон може да се врати дома
Владата и опозицијата постигнаа договор за заеднички напори за ослободување на златните резерви вредни повеќе од 4 милијарди долари.

Владата на Венецуела и опозицијата постигнаа договор за заеднички напори за враќање на околу 31 тон државни златни резерви, вредни повеќе од четири милијарди долари, кои се чуваат во трезорот на Банката на Англија во Лондон. Договорот бил постигнат по две недели преговори со посредство на Соединетите Американски Држави, објави „Фајненшел тајмс“.
Во заедничкото соопштение, двете страни наведоа дека ќе работат на ослободување на венецуелските меѓународни резерви, а средствата треба да бидат наменети за обновување на земјата по неодамнешните земјотреси. Договорот предвидува и воспоставување механизми за транспарентност, следење и ревизија, со цел да се обезбеди средствата да бидат употребени наменски.
Во преговорите учествувала опозициска делегација предводена од Динора Фигуера, поранешна пратеничка која живее во егзил. Таа беше на чело на опозицискиот блок кој освои мнозинство во Националното собрание на изборите во 2015 година, чии резултати тогашниот претседател Николас Мадуро не ги призна.
На разговорите не учествувала опозициската лидерка и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, која се наоѓа во егзил во Панама. Таа, сепак, потврдила дека нема да го попречува процесот. Вршителката на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, на почетокот на август соопшти дека испратила писмо до британскиот крал Чарлс III со барање за враќање на златото, кое според неа треба да помогне во обновувањето на земјата.
Според Обединетите нации, неодамнешните земјотреси предизвикале штета од најмалку 6,7 милијарди долари, додека Светската банка ја проценува штетата на околу 20 милијарди долари. Венецуела и претходно бараше од Лондон да ѝ го врати златото, но без успех. Во меѓувреме, Вашингтон продолжи со економскиот притисок врз Каракас преку санкции и ограничувања поврзани со извозот на нафта, што дополнително ја продлабочи економската криза во земјата.
„Фајненшел тајмс“ наведува дека според проценките на економистите, годишната инфлација во Венецуела достигнала 575 отсто.

