ПАРИТЕ ВЕЌЕ СЕ ТУКА 239 милиони евра пласирани во македонската економија
Од Владата велат дека мерката носи нов инвестициски циклус, поголемо производство и нови работни места, а остануваат уште средства од предвидените 250 милиони евра.

Вкупно 239 милиони евра досега се пласирани во македонската економија преку владините мерки за поддршка на домашните компании. Средствата се наменети за инвестиции, зголемување на производството, проширување на капацитетите и отворање нови работни места.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека мерката веќе дава резултати и придонесува за нов инвестициски циклус во приватниот сектор. Според неа, потребата од ваква финансиска поддршка била препознаена пред повеќе од две години, кога било утврдено дека голем број домашни компании имаат потенцијал и конкретни инвестициски планови, но недостигот од поволно финансирање им го отежнувал нивното реализирање.
Затоа, Владата во соработка со бизнис-секторот и банките креирала модел со кој 250 милиони евра се ставени на располагање за развојни инвестиции во домашниот приватен сектор. Средствата се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка, а компаниите ги користат под поповолни услови и со полесен пристап до финансирање.
Димитриеска-Кочоска нагласува дека Владата овие средства не ги гледа како буџетски трошок, туку како инвестиција во економскиот раст. Првата транша кон домашните компании била исплатена во март минатата година. Оттогаш, до денес, во македонската економија се пласирани 239 милиони евра.
Според министерката, средствата веќе имаат ефект врз приватниот сектор, преку зголемување на производството, отворање нови работни места и подобрување на конкурентноста на домашните компании. Дополнително, инвестициите финансирани преку оваа мерка се надополнуваат со сопствен капитал на компаниите, што значи дека вкупната вредност на инвестицискиот циклус е уште поголема.
Корпоративното кредитирање расте околу 15 проценти годишно
Како дополнителен показател за засилената економска активност, министерката го посочува растот на корпоративното кредитирање. Во периодот од март минатата година до јуни годинава, корпоративното кредитирање бележело годишен раст меѓу 13,5 и 16,5 проценти, односно просечен раст од околу 15 проценти. Според Димитриеска-Кочоска, податоците покажуваат дека компаниите имаат подобар пристап до капитал и дека кредитната активност е значително засилена.
БДП во првиот квартал пораснал за 3,1 процент
Министерката се осврна и на економскиот раст. Бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2026 година пораснал за 3,1 процент. Во последниот квартал од 2025 година растот изнесувал 3,5 проценти, додека во вториот и третиот квартал од минатата година достигнал по 3,8 проценти.
Како важни двигатели на економскиот раст се издвојуваат јавните и приватните инвестиции, а позитивни движења, според министерката, има и кај извозот, индустриското производство и вработеноста. Од Владата оценуваат дека овие показатели се потврда оти економската активност се движи во посакуваната насока и дека мерките за поддршка даваат конкретни резултати во реалниот сектор.
Димитриеска-Кочоска посочува дека економските политики треба да се оценуваат преку нивниот реален ефект – поголеми инвестиции, повисоко производство, посилни домашни компании, нови работни места и поголема конкурентност. Владата, како што најавува, ќе продолжи да креира мерки што ќе им овозможат на домашните компании полесно да инвестираат, да ги зголемуваат производствените капацитети и да создаваат нова вредност за македонската економија.

