УЈП ГИ ПОДГОТВУВА МПИН ПРЕСМЕТКИТЕ ЗА ПАУШАЛИСТИТЕ Од 2027 година налозите ќе се изготвуваат однапред

Околу 3.500 самовработени лица добија поедноставен начин за исполнување на даночните обврски, а од 2027 година УЈП годишно ќе подготвува 12 месечни налози за данок и придонеси

УЈП ГИ ПОДГОТВУВА МПИН ПРЕСМЕТКИТЕ ЗА ПАУШАЛИСТИТЕ Од 2027 година налозите ќе се изготвуваат однапред
Фото: Национал

Управата за јавни приходи (УЈП) веќе ги генерира МПИН пресметките за придонесите за самовработените лица – паушалисти, согласно последните измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

За јули и август 2026 година биле изготвени околу 7.000 МПИН пресметки за 3.500 паушалисти. Пресметките се достапни преку системот „е-Даночни услуги“, а можат да се добијат и по е-пошта или лично во канцелариите на УЈП.

Обврската за плаќање на придонесите останува кај паушалистот. Оние кои сами поднеле МПИН за јули и август и веќе ги платиле обврските немаат потреба повторно да плаќаат по пресметките генерирани од УЈП.

Од Управата појаснуваат дека автоматските опомени за неподнесена МПИН пресметка што дел од паушалистите ги добиле по е-пошта се прогласени за неважечки, бидејќи оваа обврска повеќе не постои. УЈП нагласува дека ниту еден паушалист не е блокиран за наплата на долг.

Основицата за придонесите е иста со основицата за данокот на личен доход – месечната аконтација на паушално утврдениот нето-доход. Паушалистот може да побара да плаќа придонеси и на повисока основица.

УЈП дополнително појаснува дека паушалистите остваруваат доход од самостојна дејност, а не плата, а скратеното работно време во моментов не влијае врз висината на основицата за придонесите.

Од 1 јануари 2027 година, УЈП планира на годишно ниво да подготвува 12 месечни налози за данок и придонеси, кои ќе им бидат доставувани на занаетчиите заедно со решенијата за паушално оданочување. Во текот на годината ќе се прават корекции само во специфични случаи, како боледување или одјава.

За дополнителни информации и помош, паушалистите можат да се обратат до Контакт центарот на УЈП.

CATEGORIES
Share This