НЕМА ДА НЕ СНЕМА Марш по убиството на Билјана, четири барања до институциите

Организаторите воедно нагласија дека протестот е граѓански и дека не треба да биде искористен за партиска промоција.

НЕМА ДА НЕ СНЕМА Марш по убиството на Билјана, четири барања до институциите
Фото: Принтскрин

Протестен марш, организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, започна во паркот „Жена борец“, од каде што голем број граѓани се упатија кон Собранието и Министерството за правда, а маршрутата продолжи кон Министерството за образование и наука. Учесниците носеа голем транспарент со натпис „Нема да нè снема“, а низ улиците одекнуваа пораките „Жена, живот, слобода!“, „Ниту една повеќе!“ и „Не бараме сочувство, бараме одговорност“.

Повод за собирот е смртта на 17-годишната Билјана Кириќ, чие тело беше пронајдено во багажникот на опожарен автомобил во Богданци. Според досегашните информации, девојката претходно пријавувала насилство и закани, поради што организаторите бараат целосно да се испита постапувањето на надлежните институции и евентуалните пропусти во нејзината заштита.

„Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност“

Пред почетокот на маршот, Елена Петрова, една од учесничките, порача дека случајот со Билјана не смее да се третира како изолиран чин на насилство, туку мора да се испита и одговорноста на институциите.

„Насилникот има историја на насилство. Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност. Ова е фемицид. Секое убиство на жена не е само чин на насилство, туку одраз на многу подлабок неуспех на нашиот систем. Уште колку семејства треба да завиеме во црно додека слушаме изрази на сочувство, осуди и ветувања, а истото продолжува да се повторува. Ова е машко и системско насилство“, изјави Петрова.

Таа ја повлече и паралелата со трагедијата во Кочани, посочувајќи дека во двата случаи мора да се постави прашањето за одговорноста на институциите кои имале обврска да спречат опасност.

„Ова е држава што не успева да го спречи, туку напротив, го поттикнува. Оваа е држава која убива, силува и ги гори своите граѓани. Дали во клуб или во кола, оваа е нашата реалност и иднина. Пред неполни две години во Кочани, над 60 млади луѓе изгореа во пожар. Денеска зборуваме за девојче чие тело е пронајдено во запален автомобил. Не ги изедначуваме овие случаи, но во двата мора да прашаме што правеле институциите што имале обврска да спречат опасност“, порача Петрова.

Од иницијативата „Ниту една повеќе!“ побараа исполнување на четири конкретни барања.

Првото е целосна и транспарентна истрага за смртта на Билјана Кириќ, со утврдување одговорност за секој евентуален институционален пропуст. Организаторите бараат да се обелодени кој постапувал, кој не постапувал и зошто преземените мерки не спречиле трагичен исход.

Второто барање е итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои, според организаторите, биле поднесени во Собранието во август.

Третото барање е враќање на поимот „род“ и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието, од каде што, според иницијативата, биле отстранети.

Четвртото барање е разрешување од јавни функции и раководни позиции на лицата кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување.

„За сите пропусти бараме имиња, одговорност и санкции. Второ, итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство. Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од каде ги избришавте. Не може да водиме борба против родово базирано насилство додека политички ја поткопуваме самата основа за негово препознавање. Четврто, разрешете ги од јавни функции оние кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат нивното потчинување. Ова не се нови барања, истите барања ги повторуваме со години“, изјави Петрова.

Особено силна порака учесниците испратија при минувањето покрај Министерството за правда, чија зграда беше исвиркана од демонстрантите.

„Ова Министерство нè сака нас мртви“, извикуваа учесниците на маршот.

Организаторите воедно нагласија дека протестот е граѓански и дека не треба да биде искористен за партиска промоција. Посочија дека политичките партии имаат свои институционални механизми преку кои можат да придонесат за исполнување на поставените барања.

Пораката на иницијативата „Ниту една повеќе!“ останува јасна: жените кои пријавуваат насилство мора да добијат навремена и ефикасна заштита, а институциите мора да одговараат за своите постапки и пропусти.

„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“ – порачаа организаторите.

CATEGORIES
Share This