ИЛИЕВСКИ УШТЕ ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ ПРЕДУПРЕДУВАШЕ, СЕГА СЕ ОТВОРА КЛУЧНОТО ПРАШАЊЕ Нора Таравари предложена за доцент
Поранешниот државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски уште пред еден месец во колумни за „Национал“ и телевизиски гостувања укажуваше на можни неправилности во постапката за избор на сопругата на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Предупредувањата на поранешниот државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски за состојбите во високото образование повторно се актуелни. Случајот со изборот на Нора Таравари, сопруга на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, во наставно-научно звање доцент на Универзитетот „Мајка Тереза“, добива нова димензија откако рецензентската комисија предложила токму таа да биде избрана.
Илиевски, кој подолг период јавно укажува на спорни постапки, неправилности при универзитетски избори и вработувања во високото образование, овој случај го отвори уште пред еден месец преку колумни објавени во „Национал“, како и во свои телевизиски гостувања. Тогаш тој предупреди дека кандидатурата на Нора Таравари отвора сериозни прашања во однос на примената на критериумите за избор во наставно-научно звање, особено од аспект на претходното високообразовно искуство и принципот на избор според заслуги.
Во своите укажувања, Илиевски посочи и на спорноста на постапката на рецензентската комисија, отворајќи го прашањето врз основа на кои критериуми се оценувани кандидатите и зошто останатите двајца кандидати не ги исполнувале условите за избор. Особено проблематично, според неговите забелешки, е отсуството на доволно јасно образложение за ваквата оценка.
Денешното медиумско актуелизирање на предлогот на рецензентската комисија, со кој Нора Таравари е предложена за избор во звањето доцент, повторно ги става овие прашања во центарот на вниманието а кои инспекторот Илиевски ги отвори уште пред еден месец. Сега клучно е дали во постапката доследно се применети законските и академските критериуми и дали сите кандидати биле оценувани според исти мерила.
Суштината на случајот не е во тоа која е сопруга на кого, туку дали универзитетските избори се спроведуваат транспарентно, врз основа на стручни и научни заслуги, или постојат пропусти што можат да ја доведат во прашање довербата во академските институции.
Токму затоа, предупредувањата на Илиевски заслужуваат сериозно институционално внимание. Универзитетот „Мајка Тереза“ треба јавно и аргументирано да ги образложи критериумите врз основа на кои е направен предлогот, како и причините поради кои останатите кандидати не биле оценети како најсоодветни.
Високото образование не смее да биде простор во кој личните и политичките релации ќе создаваат сомнеж за привилегирани позиции. Академското звање треба да биде резултат на знаење, научен труд, искуство и исполнување на јасно утврдени критериуми. А кога ќе се појават сомнежи за отстапување од тие принципи, јавноста има право да добие одговори.

