НАСЕЛЕНИЕТО И ФИРМИТЕ СÈ ПОВЕЌЕ СЕ ЗАДОЛЖУВААТ Кредитите растат со двоцифрена стапка
Кредитната активност во август порасна 13,6% на годишно ниво, покажуваат податоците на Народната банка.

Кредитната активност на банките во август продолжи да расте, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Вкупните кредити се зголемиле за 0,7 отсто во однос на јули, додека на годишно ниво растот достигнал 13,6 отсто. Зголемување е регистрирано и кај кредитирањето на домаќинствата и кај корпоративниот сектор.
Раст е забележан и кај вкупните депозити. Во август тие се зголемиле за 1,6 отсто на месечно ниво, а во споредба со истиот месец лани се повисоки за 9 отсто. Зголемување има и кај депозитите на населението и кај оние на компаниите.
Кај корпоративниот сектор, депозитите во август пораснале за 6,2 отсто во однос на јули и за 6,1 отсто на годишна основа. Кредитите на компаниите бележат месечен раст од 0,6 отсто, додека годишниот раст достигнал 15,1 отсто. Според Народната банка, зголемувањето целосно произлегува од кредитирањето во домашна валута.
Депозитите на населението, пак, во август се намалиле за 0,4 отсто во однос на претходниот месец, но на годишно ниво се повисоки за 10,2 отсто. Орочените депозити на домаќинствата пораснале за 0,6 отсто месечно и за 5,8 отсто годишно.
Кредитирањето на населението продолжува да расте. Во август кредитите на домаќинствата се зголемиле за 0,7 отсто на месечно и за 12,3 отсто на годишно ниво.
Најизразен годишен раст има кај станбените кредити, кои се зголемиле за 16,2 отсто, додека потрошувачките кредити бележат раст од 12,2 отсто.
Во меѓувреме, паричната маса во август пораснала за 1,3 отсто во однос на јули, додека на годишна основа зголемувањето изнесува 8,2 отсто.

