УКРАИНСКИОТ КНИЖЕВЕН ХИТ СТИГНУВА ВО СКОПЈЕ Иван Андрусјак со „28 дена од животот на Бурундук“

Авторот на наградуваната книга „White Ravens“ ќе се сретне со читатели, деца и украинската заедница во Македонија.

УКРАИНСКИОТ КНИЖЕВЕН ХИТ СТИГНУВА ВО СКОПЈЕ Иван Андрусјак со „28 дена од животот на Бурундук“
Фото: Принтскрин

Украинскиот писател, поет и автор за деца Иван Андрусјак од 21 до 25 септември престојува во Скопје, каде што ќе се претстави пред македонската публика и ќе ја промовира книгата „28 дена од животот на Бурундук“.

Централната промоција ќе се одржи на 22 септември во 19 часот, во галеријата „Чудна Шума“, каде за романот ќе разговараат Андрусјак, преведувачката Вера Чорниј-Мешкова и уредничката Билјана Црвенковска.

Во рамки на посетата, Андрусјак ќе одржи и читачки и креативни работилници за деца. На 22 септември работилницата ќе се одржи во библиотеката „Браќа Миладиновци“, а на 23 септември во библиотеката „Страшо Пинџур“ во Скопје.

На 23 септември во 19 часот, во галеријата „Чудна Шума“, е предвидена и средба на писателот со Здружението на Украинците во Македонија, како и со најмладите членови на здружението.

Книгата „28 дена од животот на Бурундук“ е роман за тинејџери, чиј прв дел, „Осум дена од животот на Бурундук“, со илустрации на Гана Осадко, во 2013 година беше избран за престижниот каталог „White Ravens“ („Бели гаврани“) на најдобрите детски книги во светот.

Иван Андрусјак е поет, прозен автор, литературен критичар и преведувач. Од 2005 година главно создава литература за деца и млади, а досега има објавено повеќе од 30 книги – сликовници, илустрирани романи и збирки раскази.

Автор е на повеќе наградувани дела и лауреат на бројни украински книжевни признанија, меѓу кои и Наградата „Лесја Украинка“. Во 2021 година украинската секција на Меѓународниот совет за детска и младинска книга (IBBY) го номинираше за престижната Награда „Ханс Кристијан Андерсен“.

Андрусјак е член на Националниот сојуз на писатели на Украина, Здружението на украински писатели и ПЕН Украина.

CATEGORIES
Share This