ТУРЦИЈА И МАКЕДОНИЈА ПРЕД НОВ ИНВЕСТИЦИСКИ БУМ Се најавуваат големи договори

Форум за зајакнување на економската и инвестициската соработка меѓу Северна Македонија и Турција.

ТУРЦИЈА И МАКЕДОНИЈА ПРЕД НОВ ИНВЕСТИЦИСКИ БУМ Се најавуваат големи договори
Фото: Принтскрин

Во петок во Истанбул ќе се одржи бизнис форум посветен на зајакнување на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Република Северна Македонија пред турската деловна заедница.

Целта на форумот е поврзување на институциите и бизнис секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.

На настанот е најавено учество на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.

Од турска страна, домаќин на форумот ќе биде министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и DEİK Советот за надворешни економски односи.

Во рамки на програмата ќе бидат презентирани инвестициските потенцијали на Северна Македонија, а настанот ќе вклучи официјални обраќања, тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б средби меѓу компании од двете земји, со акцент на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.

Форумот е наменет за компании заинтересирани за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамки на регионалната економска соработка.

Настанот се реализира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, во соработка со УНДП.

Во контекст на ваквите активности, како дел од пошироката серија промотивни настани за позиционирање на Северна Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, неодамна сличен бизнис форум беше одржан и во Будимпешта. Овие настани се дел од пошироките напори за промоција на економските потенцијали на земјата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.

CATEGORIES
TAGS
Share This