СУСПЕНДИРАН ОБВИНИТЕЛОТ ШТО САКА ДА ГИ АПСИ ПУТИН И НЕТАНЈАХУ Тешки обвинувања за сексуално вознемирување
Конечната судбина на Карим Кан ќе ја решаваат земјите-членки на МКС на вонредна седница

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, Карим Кан, е привремено суспендиран од функцијата поради сомнежи за сексуално вознемирување, пренесува ДПА.
Конечната одлука за негово евентуално разрешување ќе биде донесена на вонредна седница на земјите-членки на судот, соопшти надзорното тело на МКС. Седницата ќе биде закажана во најкус можен рок.
Од Извршниот одбор на надзорниот орган на МКС информираат дека одлуката се базира на извештај од истрага спроведена од Канцеларијата на ОН за внатрешен надзор (OIOS), како и на собрани докази, мислења од ад хок панел на судски експерти и писмени изјави.
Во 2024 година, поранешна блиска соработничка го обвини британскиот обвинител за сексуално недолично однесување. Според наводите, Кан подолг период ја вознемирувал и ја принудувал на сексуални дејствија, објавува ДПА.
Комисија на ОН ги истражила обвинувањата и извештајот го доставила во декември 2025 година, но документот не е јавно објавен. Исто така, тројца судии од меѓународниот суд дале правно мислење врз основа на истрагата, кое исто така останува недостапно за јавноста.
Кан, 56, изјавил дека сака да се врати на должност штом случајот биде расчистен, нагласувајќи дека ги негира обвинувањата.
Како главен обвинител, тој издаде потерници за повеќе високи функционери, меѓу кои израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин, од 2021 година.
По тие потези, САД го зголемија притисокот врз судот и воведоа санкции кон дел од персоналот и судиите.
МКС има 125 земји потписнички на Римскиот статут, меѓу кои се сите членки на ЕУ, додека САД, Русија и Израел не се дел од судот.


