СКАНДАЛ ОД 2,3 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Како семејството Трамп заработувало од крипто-хаосот

Истражување на Ројтерс открива наводен модел на заработка преку криптопроекти поврзани со семејството Трамп.

СКАНДАЛ ОД 2,3 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Како семејството Трамп заработувало од крипто-хаосот
Фото: Принтскрин

Семејството на американскиот претседател Доналд Трамп, според истражување на агенцијата Ројтерс, наводно заработило најмалку 2,3 милијарди долари од криптопроекти што ги промовирало по изборите во 2024 година, додека голем број мали инвеститори претрпеле значителни загуби.

Истражувањето, базирано на блокчејн податоци, корпоративна документација, јавни изјави и разговори со експерти од крипто-секторот, ги издвојува четирите најзначајни проекти: World Liberty Financial, мем-криптовалутата $TRUMP, American Bitcoin и AI Financial Corp.

Според Ројтерс, моделот на овие проекти е сличен: семејството Трамп вложувало минимални или никакви сопствени средства, но ги користело своето име и политичко влијание за нивна промоција, по што остварувало значителни приходи. Во исто време, многу инвеститори купувале крипто-средства чија вредност подоцна нагло паѓала.

Како пример се наведува случајот со 29-годишната Фатима Елргдави од Калифорнија, која вложила 2.000 долари во $TRUMP, убедена дека инвестицијата е сигурна поради поврзаноста со името на Трамп. Неколку месеци подоцна, нејзиниот удел се намалил на помалку од 120 долари.

Најголем профит, според истрагата, донел проектот World Liberty Financial со над 1,6 милијарди долари за семејството Трамп. Мем-криптовалутата $TRUMP, пак, обезбедила околу 616 милиони долари, додека инвеститорите колективно изгубиле над 700 милиони долари.

Осум експерти за етика во јавната служба, цитирани од Ројтерс, оценуваат дека ваквата ситуација претставува сериозен судир на интереси, без преседан во поновата американска историја, имајќи предвид дека семејството на актуелен претседател профитира од индустрија што е предмет на државна регулација.

Од Белата куќа ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека сите активности на претседателот и неговото семејство се во интерес на граѓаните на САД и дека не постои судир на интереси.

Во меѓувреме, криптопазарот бележи силни осцилации. Наглото закрепнување на биткоинот до околу 64.000 долари доведе до ликвидација на повеќе од 320 милиони долари во кратки позиции за само 15 минути, појава позната како „short squeeze“.

Претходно, биткоинот падна до околу 59.100 долари, најниско ниво од февруари годинава, што предизвика значителни загуби кај инвеститорите со долги позиции. Според податоците, во претходната недела биле ликвидирани околу 1,57 милијарди долари.

Аналитичарите предупредуваат дека криптопазарот останува исклучително чувствителен на нагли промени на цените, поради високото користење на финансиски левериџ и ниската ликвидност, што може да доведе до брзи и масовни ликвидации.

CATEGORIES
TAGS
Share This