ТРАМП УДРИ ПО КИНА – САД забрануваат напредни роботи и инвентори, еве што го плаши Вашингтон

Американските власти предупредуваат на можност за далечинско исклучување, кражба на податоци и сајбер-напади, додека Закерберг се спротивставува на забраните за кинеската вештачка интелигенција.

ТРАМП УДРИ ПО КИНА – САД забрануваат напредни роботи и инвентори, еве што го плаши Вашингтон
Фото: Принтскрин

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за увоз на нови напредни роботски системи произведени во странство, меѓу кои и хуманоидни и четвороножни роботи, поради проценети ризици за националната безбедност.

Одлуката на Федералната комисија за комуникации (FCC) ги опфаќа и енергетските конвертори, односно инверторите кои се користат во центри за податоци и соларни енергетски системи. Според американските власти, овие уреди би можеле да претставуваат потенцијален ризик за националната и економската безбедност на САД.

Особено внимание привлекуваат роботските системи, бидејќи значителен дел од напредните модели се произведуваат во Кина. Пекинг во последните години вложува огромни средства во развојот на роботиката и вештачката интелигенција, со што директно се натпреварува со американските компании.

Кинеската амбасада во Вашингтон ја критикуваше американската политика, обвинувајќи ги САД за „политизација“ на трговските прашања и за воведување санкции врз основа на, како што наведуваат, „неосновани изговори“.

Од FCC објаснуваат дека странски произведените инвертори би можеле да бидат искористени за далечинско исклучување на системите, неовластен пристап, кражба на податоци, следење, па дури и за изведување сајбер-напади.

Сепак, мерката не значи целосна забрана на сите странски модели. Новите напредни роботски уреди и инвертори произведени во странство нема да можат да добијат одобрение за увоз, додека постоечките модели кои претходно биле одобрени од FCC ќе можат и понатаму да се продаваат и увезуваат.

Паралелно со ова, во Вашингтон се води и жестока дебата за тоа како САД треба да одговорат на забрзаниот развој на кинеската вештачка интелигенција.

Основачот и извршен директор на Мета, Марк Закерберг, се спротивстави на идејата за забрана на најнапредните кинески модели на вештачка интелигенција во САД. Во интервју за „Фајненшл тајмс“ тој оцени дека таквата мерка нема да биде „ефикасно решение“.

Закерберг предупреди и на опасноста од таканаречено „регулаторно заробување“, кое, според него, би можело да ја ограничи конкуренцијата меѓу американските компании наместо да им помогне во натпреварот со Кина.

Дебатата дополнително се засили по претставувањето на новиот модел Kimi K3 од кинеската компанија Moonshot AI. Според оценките што се појавија во јавноста, неговите можности се приближуваат до оние на водечките модели развиени од американските компании OpenAI и Anthropic.

Американски функционери, пак, тврдат дека имаат докази оти Moonshot AI спровел обемна и тајна операција за обука на својот модел користејќи технологии и модели на американски конкуренти.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент неодамна изјави дека санкциите се една од можните мерки против кинеските лаборатории за вештачка интелигенција доколку се утврди дека ја преминале границата и се вклучиле во кражба на интелектуална сопственост.

Закерберг, сепак, смета дека наместо забрани, американските компании треба да ги идентификуваат проблемите и тесните грла кои го забавуваат нивниот развој и да работат на нивно отстранување.

Според него, САД треба да ја зајакнат домашната конкуренција за да можат поефикасно да му парираат на Пекинг во трката за доминација во вештачката интелигенција – технологија која и двете сили ја сметаат за клучна за националната безбедност и идниот економски развој.

CATEGORIES
Share This