НОВА ОДЛУКА ОД АТИНА Македонија меѓу 42 земји со „привилегиран даночен режим“
Грчкото Министерство за финансии ја објави листата за даночната 2024 година, на која покрај Македонија се најдоа и Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора и други европски земји.

Македонија се најде меѓу 42 земји и територии кои Грција ги класифицира како држави со „привилегиран даночен режим“ за даночната 2024 година.
Според одлуката на грчкото Министерство за национална економија и финансии, станува збор за земји во кои правните лица плаќаат данок на добивка, приходи или капитал по стапка која е еднаква или пониска од 60 отсто од даночната стапка што би ја плаќале доколку биле даночни резиденти или имале постојана деловна активност во Грција.
Министерската одлука, со која се определуваат државите што ги исполнуваат овие критериуми, е објавена во Службен весник на Грција. Таа е потпишана од министерот и заменик-министерот за национална економија и финансии, Кирјакос Пиеракакис и Димитрис Маркопулос.
На листата за даночната 2024 година се наоѓаат вкупно 42 земји и територии. Покрај Македонија, од Европа се опфатени и Албанија, Андора, Бугарија, Кипар, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Монако, Унгарија, Ирска, Лихтенштајн и Молдавија.
Одлуката е донесена врз основа на членовите 65, ставови 6 и 7 од грчкиот Закон 4172/2013, кои ги утврдуваат критериумите за идентификување на земјите со привилегиран даночен режим.

