ТЕПАЧКА ВО СОБЛЕКУВАЛНА – Реал отвори итна истрага, Валверде заврши во болница
Според шпанските медиуми, расправијата меѓу Чуамени и Валверде прераснала во физички конфликт.

По хаотичниот инцидент на тренингот меѓу Чуамени и Валверде, реал Мадрид отвори вонредна дисциплинска постапка која би можела да има сериозни последици за двајцата играчи, од повеќенатпреварски суспензии, па сè до можен раскин на договорите.
Иако Валверде јавно негираше дека дошло до физичка пресметка, клубот сепак решил да реагира и да спроведе внатрешна истрага. Според правилниците на Ла Лига и синдикатот на фудбалери, евентуалните казни зависат од тежината на прекршокот. Доколку случајот биде оценет како сериозен, можно е суспензија од три до десет натпревари, а ако биде класифициран како многу сериозен и санкцијата може да достигне и до 20 меча.
Најдрастичната мерка што стои на располагање на клубот е раскинување на договорите со играчите, а покрај суспензиите можно е и дополнително финансиско казнување.
Според шпанските медиуми, конфликтот избувнал по тензичен тренинг. Наводно, расправијата меѓу Чуамени и Валверде прераснала во физичка пресметка, по што Уругваецот паднал и ја удрил главата. Тој добил расекотина, кратко ја изгубил свеста и бил пренесен во болница.
Од клубот соопштија дека Валверде поради трауматска повреда на главата ќе мора да мирува меѓу 10 и 14 дена, што практично значи крај на сезоната за него.
Во меѓувреме, Валверде се огласи со долго соопштение во кое категорично негираше тепачка.
„Во нормална соблекувална вакви недоразбирања се решаваат интерно. Мојот соиграч никогаш не ме удри, ниту јас него“, порача капитенот на Реал.
Тој додава дека при расправијата случајно ја удрил масата и така ја заработил повредата.
Од Реал Мадрид потврдија дека против двајцата играчи е покрената дисциплинска постапка и најавија дека јавноста ќе биде информирана по завршувањето на внатрешната истрага.
