БОЖИНОВСКА ОТКРИ – Владата подготвена да преговара со ОКТА за продолжување на попусттите на горивата
Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на гориво во регионот.

Министерката за енергетика Сања Божиновска најави дека Владата е подготвена повторно да преговара со ОКТА за продолжување на попустите на горивата и по 18 мај, кога истекува актуелниот договор. Во моментов, граѓаните добиваат попуст од 4 денари за литар дизел и 2 денари за бензините, а евентуалното продолжување ќе зависи од движењата на светските берзи и состојбата на Блискиот Исток.
„Будно ги следиме случувањата на пазарот. Неколку дена пред истекот на мерките ќе направиме анализа на цените и, доколку има потреба, повторно ќе разговараме со ОКТА за продолжување на попустите. Наш приоритет е заштита на граѓанскиот стандард“, изјави Божиновска.
Таа потенцираше дека Македонија е меѓу земјите со најниски цени на нафтените деривати во регионот и дека државата активно презема мерки за ублажување на ценовните шокови.
Во врска со сомнежите за реекспорт на евтини горива од земјава кон соседството, Божиновска посочи дека досега нема официјална претставка до Министерството за енергетика, но дека Државниот пазарен инспекторат и Царинската управа веќе вршат проверки.
Министерката се осврна и на можните измени на тарифните блокови за струја што ги најави Регулаторната комисија за енергетика. Таа истакна дека Владата ќе поддржи секое решение кое ќе донесе пониски сметки за граѓаните.
„Доколку промените значат намалување на трошоците за домаќинствата, ние тоа го поздравуваме. Очекуваме да ги видиме и конкретните пресметки, но суштината е граѓаните да плаќаат помалку“, нагласи Божиновска.
