ТАЧИ: ПРИКАЗНАТА НА АХМЕТИ ЗА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА Е УДБАШКА Документ никогаш не постоел
Лидерот на ДПА тврди дека приказната била пласирана од „псевдоакадемици инструирани од УДБА“ и најави тужба ако Ахмети продолжи со обвинувањата.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по оддавањето почит по повод годишнината од смртта на Арбен Џафери, реагираше на тврдењата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за наводен документ со кој се предвидувала поделба на Македонија.
Тачи категорично отфрли дека постоел таков документ, оценувајќи дека идејата за поделба била пласирана од, како што рече, „псевдоакадемици“ инструирани од УДБА на Србија. Според него, ниту Македонската академија на науките и уметностите стоела зад таква идеја, ниту пак Арбен Џафери некогаш поседувал документ за поделба.
„За поделбата на Македонија не постоел документ. Тоа беше идеја на неколку псевдоакадемици, инструирани од УДБА на Србија. Тоа не беше идеја на Академијата на науките, а ниту Арбен Џафери имал документ, затоа што таков не постои“, изјави Тачи.
Тој оцени дека тврдењата на Ахмети имаат политичка заднина и предупреди дека доколку продолжат ваквите обвинувања, ќе преземе правни чекори.
„Го предупредувам уште еднаш: ако продолжи да зборува вака, ќе поднесам тужба, во име на Арбен Џафери, бидејќи вакво обвинување е недозволиво“, рече лидерот на ДПА.
Тачи реагираше во период кога повторно се отвораат прашања поврзани со политичкото наследство на Арбен Џафери и неговата улога во процесите што го обликуваа албанскиот политички фактор во Македонија.
Џафери почина на денеше ден во 2012 година, на 64-годишна возраст, како последица на мозочен удар. Во последните години од животот се соочуваше и со Паркинсонова болест. Беше дипломиран на Филозофскиот факултет, а професионалната кариера ја започна како новинар во Приштина, каде до 1990 година известуваше за политички и општествени теми.
По распадот на Југославија и политичките промени во регионот, Џафери активно се вклучи во политиката. Најпрво ја предводеше Партијата за демократски просперитет на Албанците, а потоа стана лидер на Демократската партија на Албанците.
ДПА ја предводеше околу 12 години, до 2007 година, кога поради здравствени причини се повлече од лидерската функција. На негово место за претседател на партијата беше избран Мендух Тачи, додека Џафери беше именуван за почесен претседател.
Во текот на својата политичка кариера, Џафери беше познат по директните ставови, острите политички дебати и значајното влијание врз политичките процеси во земјата. Неговото дејствување остави трага врз развојот на албанскиот политички фактор во Македонија, особено во периодот на големите политички и општествени промени.
Неговото политичко наследство и денес предизвикува различни оценки и толкувања, а најновата реакција на Тачи повторно го отвори прашањето за тврдењата поврзани со наводните планови за поделба на Македонија.

