ОД 19 НА 9,5 ДЕНАРИ Земјоделците револтирани – Ние работиме, трговците се богатат

Пелагониските производители бараат државата да доплати 5 денари за килограм пченица, бидејќи велат дека актуелната откупна цена не ги покрива ниту трошоците за производство.

ОД 19 НА 9,5 ДЕНАРИ Земјоделците револтирани – Ние работиме, трговците се богатат
Фото: Принтскрин

Пелагониските земјоделци годинава жетвата на пченицата ја завршија со, како што велат, катастрофално ниска откупна цена од 9,5 до 10 денари за килограм, која не ги покрива ниту производните трошоци. Тие бараат државата да реагира и од Интервентниот фонд да обезбеди дополнителни 5 денари за секој откупен килограм.

На средба во Прилеп, земјоделските здруженија побараа итно да им бидат исплатени субвенциите за 2024 година за предадена пченица, како и средствата по површина, за семенски материјал и по остварен принос. Дополнително, бараат корекција на Програмата за субвенционирање за 2026 година и стопирање на увозот на пченица и брашно од Србија.

Од Здружението „Југозапад Фармери“ од Пелагонија предупредуваат дека откупната цена е сериозен удар врз производителите.

„Го следиме патот на пченицата. Дел се извезе во соседството, дел е складирана кај земјоделците, а дел кај трговците кои чекаат тендер за откуп на родот за државните резерви“, изјави Миле Кебакоски.

Тој изрази сомнеж дека трговците ја намалиле откупната цена за да остварат поголема разлика доколку подоцна пченицата биде откупена преку тендер за државните резерви.

Земјоделците бараат и промени во условите за субвенционирање. Кебакоски посочува дека според старата програма, засеале 150 килограми семенски материјал по хектар, додека новата програма бара 200 килограми, што според него создава проблем бидејќи сега не можат да обезбедат соодветна документација за дополнителната количина. Револтот кај производителите е дополнително засилен поради тоа што, според нив, реакциите и состаноците доаѓаат предоцна – откако најголем дел од житото веќе е предадено.

„Пченицата ни ја зедоа беспари, а сега и лебот ќе го поскапат. Значи ние работиме за да се богатат трговците и пекарите“, реагира земјоделецот Златко Џумковски.

Тој потсетува дека пред пет-шест години пченицата се откупувала за околу 19 денари за килограм, додека годинава цената паднала на околу половина од тоа. И младите земјоделци реагираат на доцнењето со институционалните мерки. Метин Куртов од Конче иронично коментира дека состаноците за повисока откупна цена се одржуваат откако жетвата веќе завршила.

Земјоделците сега очекуваат конкретна реакција од државата и исплата на дополнителните 5 денари по килограм, со што, според нив, барем делумно би се ублажиле загубите од овогодишната жетва.

CATEGORIES
Share This