СУДСКИ ПРОЦЕС ПУЛС – Одбраната бара куќен притвор за Деко, сведок со потресни детали во кобната ноќ
Судењето продолжува со сослушување на сведоци предложени од обвинителството.

Пред денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов Деко побара судот да му ја замени мерката притвор со куќен притвор, повикувајќи се на сериозно влошена здравствена состојба.
Адвокатката Ивана Коцевска истакна дека нејзиниот клиент бил донесен на судење веднаш по оперативен зафат и со отворена рана, нагласувајќи дека продолжувањето на притворот, според одбраната, е несоодветно и нехумано. Таа додаде дека мерката не служи за обезбедување присуство, туку практично претставува казна пред пресудата.
Судијката Дијана Груевска Илиевски одговори дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот и појасни дека операцијата била извршена со негова согласност, а препорачаниот период за мирување веќе бил поминат, поради што било одлучено тој да биде спроведен на рочиштето.
Јавното обвинителство, кое го застапува тим од 15 обвинители, соопшти дека ќе се произнесе дополнително по барањето на одбраната, откако ќе ја разгледа целата медицинска документација.
Во меѓувреме, судењето продолжи со сослушување сведоци. Сведокот Ана Захариева, која била гостинка во „Пулс“ кобната вечер на 16 март 2025 година, изјави дека во клубот имало голем број посетители, меѓу кои и малолетници, како и дека претходно се користеле пиротехнички средства.
Таа пред судот опиша дека забавата продолжила и покрај претходна интервенција поврзана со малолетници, а истакна и дека излезите не биле соодветно организирани за евакуација. Според нејзиното сведоштво, пожарот се проширил многу брзо, предизвикувајќи паника и стампедо.
Захариева сведочеше дека во моментите на евакуација била прегазена од луѓе и изгубила свест, а подоцна била извлечена од лице во униформа. Таа се здобила со тешки изгореници на раката, била подложена на операција и поминала 42 дена во болница, најавувајќи и оштетно побарување.
Пожарот во „Пулс“ од 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, останува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето продолжува со испитување на сведоци предложени од обвинителството.
