СМИЛЕВСКИ КОНГРЕС 2026 – Настан кој не е само фестивал, туку нешто многу поголемо

Дводневната манифестација „Смилевски конгрес 2026“ започна во Смилево.

СМИЛЕВСКИ КОНГРЕС 2026 – Настан кој не е само фестивал, туку нешто многу поголемо
Фото: Принтскрин

Во селото Смилево, општина Демир Хисар, денес започнува дводневната културна манифестација „Смилевски конгрес 2026“, која и оваа година го става фокусот на современото преиспитување на улогата на уметноста и заедницата.

Од НУ Манифестација „Смилевски конгрес“ појаснуваат дека настанот не ја третира културната меморија како историски реликт, туку како жива основа за ново размислување за заедништвото и општествените односи.

„Во време на расцепканост, симулирана комуникација и псевдоиндивидуализам, оваа манифестација не нуди носталгија, туку став дека автентичната уметност се создава во однос со другиот преку судир, соработка и присуство“, стои во соопштението.

Програмата вклучува изложби во процес на создавање, уметнички инсталации и музички настапи, со цел да се поттикне жива интеракција меѓу уметниците, локалната заедница и публиката. Централно место зазема колективната инсталација „Песната на славејот“, како и настапите на Чалгија саунд систем, Brass Brothers, Летечки Пекинезери, Мојра и Дејание.

Организаторите нагласуваат дека „Смилевски конгрес“ не е само фестивал, туку став и процес: дека меморијата не смее да се сведува на декор, уметноста не следи логика на производство, туку на откривање, а заедницата мора постојано да се создава одново.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат отворени и изложбите „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“, со учество на Емилија Сандиќ, Сашо Алушевски и Предраг Узелац.

CATEGORIES
Share This