ГРАДБА БЕЗ ДОЗВОЛА – Урбанисти, инспектори и градоначалник во иста истрага, еве што се откри
Локацијата според планот воопшто не дозволувала изградба на објект.

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против пет лица од градот – К.К. (36), С.Р. (38), М.Т. (42), С.О. (61) и Ѓ.М. (54) – поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела поврзани со службено работење и бесправна градба.
Според пријавата, М.Т., која во време на настаните била вработена како советник, урбанистички аналитичар во Секторот за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште во Општина Струмица, ги пречекорила своите службени овластувања. Таа, спротивно на одредбите од Законот за градење и важечкиот детален урбанистички план, изготвила одобрение за реконструкција за локација каде не била предвидена никаква градба. Според наодите, работите што биле планирани всушност претставувале нова градба, а тоа произлегувало и од доставениот основен проект, иако постапката била водена како реконструкција.
С.Р., како раководител на истиот сектор, се товари дека несовесно постапувала при извршување на службените должности. Таа не извршила соодветен надзор врз постапката и го одобрила одобрението, иако требало да знае дека станува збор за нов објект, а не за реконструкција, и дека градба не е предвидена со ДУП.
К.К., тогашен градоначалник на Општина Струмица, исто така се товари за несовесно работење, бидејќи без соодветна проверка го потпишал издаденото одобрение.
Ѓ.М. започнал со градежни активности пред завршување на постапката, на сопствен ризик, претставувајќи ја градбата како реконструкција на постоечки објект, иако на локацијата не било дозволено градење. Според пријавата, тој изградил нов објект од втора категорија.
С.О., како овластен градежен инспектор, во инспекциската постапка не утврдила дека се работи за бесправна градба од втора категорија, туку случајот го квалификувала како прекршок според Законот за градење. Според истрагата, од достапната документација можела и требало да заклучи дека станува збор за нов објект, а не за реконструкција.
