СКРИЕНОТО БОГАТСТВО НА МАКЕДОНИЈА: ИМАМЕ РУДА, ИМАМЕ ПРОЕКТИ Но некој постојано го кочи рударскиот бум
Иловица-Штука, Плавица и новите закони за рударство и геологија отвораат голема шанса за македонскиот рударски сектор – но институционалната непредвидливост, долгите процедури и слабата координација можат повторно да го закочат целиот процес.

Македонија има значителен потенцијал во областа на критичните суровини, но неговото искористување и натамошниот развој на рударскиот сектор зависат од создавањето стабилна, предвидлива и одржлива регулаторна рамка.
Ова го покажува научната студија „Анализа на индустријата за критични суровини во Северна Македонија“, изработена од универзитетските професори и инженери Драги Пелтечки, Горан Јованов и Стојанче Мијалковски.
Според авторите, главниот проблем не е недостатокот на минерални ресурси, туку условите под кои тие би можеле да се истражуваат и користат на одржлив и стратешки начин.
Геолошкиот потенцијал постои, но системот создава пречки
Во анализата се посочува дека потенцијалот на земјата е ограничен од повеќе фактори – институционална непредвидливост, висока јаглеродна интензивност, ниска доверба на локално ниво и недоволно развиена стратегија што би го опфатила целиот вредносен синџир.
Авторите сметаат дека развојот на критичните суровини не треба да се сведува на дилемата „рударство или без рудници“. Наместо тоа, потребен е интегриран модел што ќе ги поврзе ископувањето, преработката, санацијата и енергетската трансформација, со истовремено почитување на европските стандарди.
Студијата ги анализира постојните рударски капацитети, но и потенцијалот на напредните проекти во земјата. Меѓу нив посебно се издвојуваат проектите „Иловица-Штука“ и „Плавица“.
Иловица-Штука – голем потенцијал, но години правни спорови
Порфирското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ во студијата е определено како најголем потенцијал за гринфилд рударски проект во земјата.
Сепак, авторите посочуваат дека развојот на проектот досега повеќе бил обележан со правни и административни постапки околу концесиите и нивното спојување, отколку со реализација на самиот проект.
Токму правната и институционалната рамка е идентификувана како една од областите што најмногу го ограничуваат потенцијалот на Македонија во секторот на критичните суровини.
Во студијата се наведува дека сличен образец можел да се забележи и кај проектот во Казандол.
„Проблемот не е само во долгите процедури“
Авторите нагласуваат дека долгите постапки сами по себе не се единствениот проблем, бидејќи сложените процедури за проверка се вообичаени кај рударските проекти.
Проблемот, според нив, е во тоа што инвеститорите и локалните заедници системот го перципираат како фрагментиран, непредвидлив и подложен на дискреционо одлучување.
Во анализата се посочуваат повеќе слабости – голем број одобренија, преклопување на надлежности, недоволна меѓуинституционална координација и недоволна транспарентност во однос на роковите за донесување одлуки.
Како илустративен пример е наведен случајот „Иловица-Штука“, каде што, и покрај познатите геолошки карактеристики, претходните одлуки за концесиите и спроведените технички активности, натамошниот развој е поврзан со судски постапки и административни одлуки во врска со спојувањето на концесиите.
Новите закони се гледаат како можност за пресврт
Авторите на студијата можност за подобрување на состојбата гледаат во најавените нови закони за рударство и геологија.
Според нив, јавните консултации што Министерството ги спроведе во 2025 година покажуваат дека е препознаена потребата од нова регулаторна рамка, со оглед на промените во европската политика кон критичните и стратешките минерални суровини, климатските обврски и зголемените очекувања за учество на јавноста.
Во студијата се оценува дека постојниот Закон за минерални суровини повеќе не одговара целосно на условите во кои критичните суровини стануваат дел од пошироките европски стратегии за економска и ресурсна безбедност.
Министерството: Предложените решенија се усогласени со европските практики
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини неодамна соопштија дека предложените законски решенија добиле позитивна оценка од европски експерти.
Според Министерството, предложените закони воспоставуваат современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности.
Во експертизата била направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на Европската Унија – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска.
Од Министерството наведуваат дека при анализата било утврдено оти предложениот македонски модел е усогласен со релевантните европски практики.
Посебно внимание било посветено на политиките на ЕУ за критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси, како и управувањето со рударскиот отпад и затворањето на рудниците.
Клучот е во целиот вредносен синџир
Министерството информира дека продолжува стручниот и институционалниот процес за финализирање на предлог-законите за геологија и рударство.
Целта, како што наведуваат оттаму, е конечните решенија да бидат европски усогласени, современи и применливи, но истовремено да овозможат одржлив развој на рударскиот сектор и заштита на јавниот интерес и природните ресурси.
Студијата, пак, укажува дека вистинскиот предизвик за Македонија не е само да ги пронајде и искористи критичните суровини, туку да изгради систем во кој истражувањето, ископувањето, преработката, енергетиката, заштитата на животната средина и санацијата ќе бидат дел од единствен и предвидлив вредносен синџир.

