СКОПЈАНИ, ПОДГОТВЕТЕ СЕ: Од 1 септември „Градски воз“, еве кога тргнува и колку брзо ќе ве носи
Патување од само 18 минути од Миладиновци до Транспортен центар.

Скопјани од 1 септември ќе можат да ја користат првата линија од проектот „Градски воз“, чија цел е да обезбеди побрз и поефикасен јавен превоз и да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во главниот град.
Според најавите од Македонски железници, прва во употреба ќе биде трасата Миладиновци – Транспортен центар Скопје. Возот ќе сообраќа преку Илинден и Маџари, а патувањето од почетната до крајната станица ќе трае околу 18 минути.
Директорот за патнички сообраќај при Македонски железници, Горанчо Јовановски, информира дека во утринските и попладневните часови, кога се очекува најголем број патници, возовите ќе сообраќаат на секои 15 минути, додека во останатиот дел од денот интервалот ќе биде околу 40 минути.
Вкупно се предвидени 18 линии дневно во двата правци. Во шпиц-термините ќе сообраќаат два воза, додека во другите периоди ќе биде активен по еден воз.
Проектот „Градски воз“ предвидува воспоставување на три железнички линии во Скопскиот регион. Покрај Миладиновци – Транспортен центар, планирани се и линиите Зелениково – Транспортен центар и Железничка станица Скопје – Волково.
Од ЈП „Железници Инфраструктура“ информираат дека трасата Зелениково – Скопје е во завршна фаза и е реализирана над 90 проценти, а целосното заокружување на проектот со сите три линии се очекува до крајот на 2027 година.
Градскиот воз ќе ги користи постојните железнички станици и постојки, со можност во иднина да се изградат дополнителни станици на локации каде што ќе се покаже потреба од поголема достапност за патниците.
Цената на билетот сè уште не е утврдена и ќе биде дефинирана во координација со Град Скопје и Министерството за транспорт.
Од Македонски железници оценуваат дека проектот ќе понуди побрз, побезбеден и покапацитетен јавен превоз, особено за жителите на приградските населби и општини кои секојдневно патуваат кон Скопје.


