СИЛНИ ЕКСПЛОЗИВНИ ЗВУЦИ ПРЕД ПОЖАРОТ – Кој ги запали автомобилите на гевгеличани во Карпош 1
Целосно изгореа две патнички возила со гевгелиски регистарски ознаки.

Две патнички возила со гевгелиски регистарски ознаки целосно изгореа во пожар што избувнал ноќеска во скопската населба Карпош 1. Настанот се случил околу 05:00 часот на паркинг во близина на раскрсницата меѓу улиците „Орце Николов“ и „Никола Тесла“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, опожарени се „ауди“ во сопственост на К.К. (58) и „пежо 307“ сопственост на К.К. (25). Во инцидентот нема повредени лица, но е причинета значителна материјална штета.
Пожарот зафатил и дел од околината, при што е оштетен и семафор во близина. Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за избувнувањето на огнот сè уште се утврдуваат.
Станари од околните згради изјавиле дека пред да го забележат пожарот слушнале звуци слични на пукање и почувствувале силен мирис, по што излегле надвор и го виделе огнот кој брзо ги зафатил возилата.
Претходно било пријавено дека пожарот избувнал на паркинг во близина на Технолошко-металуршкиот факултет, каде биле паркирани повеќе возила, што создало ризик од поголема штета. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, огнот бил локализиран и спречено негово ширење кон останатите автомобили и околните објекти.
Во близина на местото на настанот се наоѓа и Амбасадата на Унгарија, но засега нема информации за каква било загрозеност на објектот
