СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС СО МАГНИТУДА 7,4 ЈА ПОГОДИ КОЛУМБИЈА Има загинати и повредени

Најтешко погодени се Переира, Кали, Манизалес и Кибдо, каде се пријавени жртви, повредени и сериозни оштетувања на објекти.

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС СО МАГНИТУДА 7,4 ЈА ПОГОДИ КОЛУМБИЈА Има загинати и повредени
Фото: Принтскрин

Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе луѓе се повредени во силниот земјотрес што во понеделникот ја погоди Колумбија, додека спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по лица заробени во урнатите објекти. Најтешко е погоден градот Переира, каде што, според градоначалникот Маурисио Салазар, загинале најмалку 18 лица. Тој ситуацијата ја опиша како „критична“.

Уште најмалку две лица го загубиле животот во Манизалес, каде што земјотресот предизвикал сериозни оштетувања, меѓу кои и на кулата на катедралата. Земјотресот со магнитуда од 7,4 степени ја погоди западна Колумбија во утринските часови. Епицентарот бил регистриран во близина на Сан Хозе дел Палмар, во департманот Чоко, на длабочина од околу 96 километри, според Колумбискиот геолошки завод. Американскиот геолошки завод (USGS) ја проценил длабочината на 107 километри.

Околу еден час подоцна следел и дополнителен потрес со магнитуда од 4,6 степени во истата област. Сериозни последици има и во Кали, каде што, според градоначалникот Алехандро Едер, се урнале најмалку 20 згради, а во дел од нив имало заробени лица. Градските власти побарале дополнителни спасувачки екипи од Богота и Меделин.

Во Кибдо, главниот град на департманот Чоко, биле пријавени повредени лица и значителна материјална штета. Гувернерката Каролина Кордоба изрази загриженост поради можноста од нови потреси. Штети се регистрирани и во други делови на земјата. Во Кали биле оштетени фасади на објекти, додека во Переира биле пријавени сериозни оштетувања на повеќе згради. Земјотресот бил почувствуван и во Богота, а потресите стигнале дури и до Венецуела.

Колумбиската Национална служба за управување со ризици од катастрофи соопшти дека е во постојан контакт со локалните власти за утврдување на точниот број на жртви и проценка на штетите. Поради оштетувањата, работата била прекината и на неколку аеродроми, соопшти државната администрација за воздушен сообраќај.

Во Богота, сепак, не се пријавени поголеми материјални штети, изјави градоначалникот Карлос Галан. Колумбија се наоѓа на таканаречениот Тихоокеански огнен прстен, една од најактивните сеизмички и вулкански области во светот, каде што честото движење на тектонските плочи предизвикува силни земјотреси.

Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела нареди формирање кризен тим во Сан Хозе дел Палмар, кој треба да ги координира спасувачките и санациските активности и да обезбеди помош за погоденото население. Тој најави и лично патување во Переира. Се стравува дека бројот на жртви и повредени може дополнително да се зголеми, со оглед на тоа што спасувачките екипи сè уште работат на терен и се проценува обемот на штетите.

CATEGORIES
Share This