РОКОТ ИСТЕКУВА Пелагониските земјоделци со жестоко предупредување – Меџитлија ќе биде блокирана ако нема субвенции

Земјоделците бараат до крајот на неделата да им бидат исплатени преостанатите субвенции за 2025 година, во спротивно најавуваат блокада на граничниот премин.

РОКОТ ИСТЕКУВА Пелагониските земјоделци со жестоко предупредување – Меџитлија ќе биде блокирана ако нема субвенции
Фото: Принтскрин

Незадоволството меѓу земјоделците од Пелагонискиот регион повторно ескалира. Тие бараат итна исплата на преостанатите субвенции за 2025 година, предупредувајќи дека нивното трпение е при крај и дека, доколку средствата не бидат исплатени до крајот на неделата, ќе преземат порадикални мерки.

Земјоделците велат дека времето за чекање истекува, а паралелно со тоа започнуваат подготовките за новата есенска производна сезона. За да ја подготват земјата и да влезат во новата сеидба, потребни им се значителни средства за гориво, семе, вештачки ѓубрива и друг неопходен репроматеријал.

Според нив, доцнењето на финансиската поддршка дополнително ја отежнува и онака тешката состојба во земјоделството. Тие особено реагираат на фактот што Владата го усвои дополнетиот Ребаланс на Буџетот за 2026 година, па прашуваат зошто средствата не се исплатени доколку за нив е обезбедена буџетска рамка.

Ова не е првпат земјоделците од Пелагониско да го изразат незадоволството преку протести. Пред околу месец и половина, земјоделци, сточари и градинари од регионот протестираа и ги посочија проблемите со кои се соочуваат.

Сега тие повторно испраќаат предупредување до надлежните институции и поставуваат рок до крајот на неделата да заврши исплатата на преостанатите субвенции за 2025 година.

Во спротивно, најавуваат блокада на граничниот премин Меџитлија, со што дополнително би го засилиле притисокот врз институциите.

Земјоделците порачуваат дека не бараат ништо повеќе од средствата што законски им следуваат и навремена исплата, особено во период кога започнуваат подготовките за новата производна сезона.

CATEGORIES
Share This