ШТО БАРАШЕ ГРЕНЕЛ ВО СКОПЈЕ Ненајавено дојде, од висока зграда ја сними Македонија, па седна со Мицкоски и Муцунски
Гренел на Инстаграм објави панорамска снимка од Скопје, а Владата потврди дека на 29 јули бил во приватна посета и се сретнал со Мицкоски и Муцунски

Американскиот дипломат и специјален пратеник на претседателот Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, на својот Инстаграм профил објави видео со панорамски поглед кон Скопје.
„Скопје, Македонија, е убав град“, кратко напишал Гренел покрај видеото, со што отвори прашања дали тој престојувал во македонската престолнина.
Според локацијата и панорамата што се гледаат на снимката, видеото најверојатно е направено од повисоките катови на станбено-деловниот комплекс „Адора Флатирон“ во скопската населба Кисела Вода. Од Владата не кријат дека Гренел на 29 јули бил во Скопје, но дека станувало збор за приватна посета. Во текот на престојот, тој имал приватна средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Од Владата наведуваат дека средбата се одржала во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и била продолжение на пријателските односи и редовната комуникација меѓу соговорниците. Засега нема официјални информации за содржината на разговорот, ниту дали биле отворени конкретни политички или економски теми. Во тој контекст, останува отворено и прашањето дали било разговарано за можни американски инвестиции во Македонија, меѓу кои и за проектот „Чебрен“, кој претходно беше предмет на разговори.
Гренел во изминатиот период неколкупати се среќаваше со македонскиот премиер и со министерот Муцунски. Во февруари годинава, Гренел и Мицкоски разговараа на маргините на Минхенската безбедносна конференција, при што во фокусот биле стратешките односи меѓу Македонија и САД. Претходно, двајцата се сретнаа и во јануари 2025 година, за време на работната посета на Мицкоски на САД по повод инаугурацијата на Доналд Трамп. Тогаш премиерот информираше дека со Гренел разговарале и за предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон членство во Европската Унија.
Гренел ја посети Македонија и во август 2024 година. Во Вашингтон, пак, тој се сретна со Мицкоски на 8 јули 2024 година. На средбата присуствуваа и Муцунски и тогашниот министер за одбрана Владо Мисајловски. Тогаш од Владата соопштија дека биле разгледувани можностите за идни заеднички инвестиции во проекти од регионално значење. Како една од можностите била спомената и потенцијалната американска вклученост во енергетскиот проект „Чебрен“.
Политичката кариера на Ричард Гренел започнува во периодот по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година. Работел како портпарол во мисијата на САД при Обединетите нации во Њујорк, вклучително и во периодот кога со мисијата раководел Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Трамп. За време на администрациите на Барак Обама, Гренел се занимавал со приватен бизнис во областа на комуникациските услуги, со активности во повеќе земји, меѓу кои Кенија, Конго, Молдавија и Авганистан. Во 2016 година станува коментатор на „Фокс њуз“, телевизија која отворено ја поддржуваше претседателската кампања на Трамп.
По првата победа на Трамп, Гренел добива значајна функција во американската администрација. Тој беше именуван за амбасадор на САД во Германија, а подоцна и за специјален пратеник за Балканот, во периодот кога се разгледуваа различни идеи за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, вклучително и сценариото за можна размена на територии. Во 2020 година Гренел беше поставен за вршител на должноста директор на Националното разузнавање на САД, со што доби координативна улога над американската разузнавачка заедница.
По враќањето на Трамп во Белата куќа, Гренел повторно се најде меѓу највлијателните луѓе во неговото опкружување. Во јавноста беше споменуван и како можен кандидат за висока функција во новата администрација, вклучително и за државен секретар, но тие најави не се реализираа.
View this post on Instagram

