ИНФАНТИНО СЕ ПОВЛЕЧЕ Пропадна планот од 20 милијарди долари за приватизација на ФИФА

Силен отпор од УЕФА, КОНКАКАФ и АФЦ, оставка на висок функционер и закани за бојкот го натераа првиот човек на светскиот фудбал да се откаже од проектот.

ИНФАНТИНО СЕ ПОВЛЕЧЕ Пропадна планот од 20 милијарди долари за приватизација на ФИФА
Фото: Принтскрин

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се откажа од контроверзниот план за продажба на дел од комерцијалните права на светската фудбалска организација на приватни инвеститори, по силниот отпор што се појави во рамките на ФИФА и заканите за бојкот од европските фудбалски федерации. Инфантино планираше формирање компанија проценета на околу 20 милијарди долари, која би управувала со комерцијалните активности поврзани со најголемите натпреварувања на ФИФА – Светските првенства за мажи и жени и Светското клупско првенство.

Според планот, приватни инвеститори требаше да добијат 20 отсто од сопственоста. Меѓу потенцијалните инвеститори беше и инвестициски фонд основан од Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Инфантино во петокот вечерта соопшти дека проектот нема да биде реализиран.

„Внимателно ги слушнав сите мислења и стана јасно дека овој проект предизвика поделби кои, без оглед на нивото на поддршка, повеќе не се во интерес на каузата за која е започнат“, изјави првиот човек на ФИФА.

Одлуката уследи по отворените критики од високи функционери на организацијата. Карлос Кордеиро, поранешен претседател на Фудбалската асоцијација на САД и советник на Инфантино, поднесе оставка во знак на протест против идејата за продажба на удел во комерцијалните права на Светското првенство. Кордеиро порача дека не може да ја поддржува ФИФА додека се разгледува ваква можност и ги повика и другите високи функционери јавно да го кажат својот став.

Неколку часа подоцна, против проектот се изјасни и оперативниот директор на ФИФА, Кевин Ламур. Тој оцени дека вработените не биле запознаени со деталите и дека проектот претставувал иницијатива на поединец.

„Овој проект не смее да се спроведе. Дојде време фудбалските лидери да ги постават вистинските прашања и да донесат соодветни одлуки“, порача Ламур.

Најсилниот отпор дојде од Европа. УЕФА претходно предупреди дека сите 55 нејзини членки би можеле да го бојкотираат Светското првенство и другите натпреварувања под покровителство на ФИФА доколку планот биде реализиран. Против предлогот се изјаснија и КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ), со што проектот се соочи со сериозен отпор и надвор од Европа.

Инфантино најави дека во следните денови ќе разговара со сите засегнати страни во обид да се постигне заеднички договор за идниот развој на светскиот фудбал, особено за поддршка на земјите на кои им е потребна поголема помош. Откажувањето од проектот, сепак, би можело политички да ја ослаби позицијата на Инфантино пред претседателските избори во ФИФА.

Инфантино досега беше реизбран без противкандидат во 2019 и 2023 година, а според статутот има право да се кандидира и за уште еден четиригодишен мандат. Кандидатурите за изборите треба да се поднесат до 18 ноември, додека гласањето е закажано за март 2027 година во Рабат, Мароко.

ВОЈНА ВО ФУДБАЛОТ – УЕФА и ФИФА во конфликт по потегот на Инфантино да го продаде Мундијалот на приватни инвеститори

CATEGORIES
TAGS
Share This