ШОКАНТНА КРАЖБА ВО ДРАЧЕВО Украдена опрема од железницата вредна милиони евра

Два трансформатори тешки над 30 тони биле превртени, а бакарните намотки и вредните компоненти украдени.

Голема кражба е извршена во електровлечната подстаница Драчево, која се наоѓа меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, при што е уништен и украден значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, информираат од МЖ Инфраструктура.

Според првичните проценки, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.

При кражбата, сторителите насилно превртеле два големи електроенергетски трансформатори, секој тежок повеќе од 30 тони. Од нив било испуштено и истурено трансформаторското масло, а бакарните намотки и останатите вредни компоненти биле отстранети и украдени.

Од подстаницата биле одземени и бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и речиси сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање.

Поради направената штета, објектот е целосно нефункционален.

Од МЖ Инфраструктура оценуваат дека станува збор за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура и државниот имот.

„Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“, велат од МЖ Инфраструктура.

Оттаму апелираат до надлежните институции случајот итно и темелно да биде истражен, а сторителите, како и сите лица кои биле вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдената опрема, да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

CATEGORIES
Share This