СЕДУМ ГОДИНИ СУДИСКИ СТАЖ И ФУНКЦИЈА ВО ВИШИОТ УПРАВЕН СУД Јакупи на чело на Управниот суд
Јакупи, судија во Вишиот управен суд и поранешен заменик-министер за правда, беше избран меѓу четворица кандидати.

Судскиот совет го избра Субхи Јакупи за нов претседател на Управниот суд. Јакупи, кој досега беше судија во Вишиот управен суд и негов поранешен заменик-претседател, ја доби поддршката на мнозинството членови на Советот по разгледувањето на програмите и професионалните биографии на кандидатите.
Изборот беше спроведен на денешната седница, врз основа на извештајот со предлог-листа на кандидати. Во дискусијата повеќе членови на Судскиот совет ги истакнаа раководните способности на Јакупи, неговото искуство во управното судство и програмата со која конкурирал.
Исамедин Лимани оцени дека Јакупи успешно ќе раководи со Управниот суд, додека Ивица Стефановски ја посочи и правичната застапеност како еден од аргументите за неговиот избор. Данка Ристова нагласи дека програмата на Јакупи се издвојува од оние на останатите кандидати, бидејќи во неа се препознава неговото учество во конституирањето на управното судство, но и јасно се идентификувани слабостите во системот.
Позитивни оценки за кандидатот дадоа и Садула Изаири и Џенета Бегтовиќ. Таа посочи дека Јакупи, како поранешен заменик-претседател на Вишиот управен суд, стекнал значително искуство во раководењето со судска институција. Поддршка за неговиот избор изразија и Арлинда Кадри-Шахиновиќ, Тања Чачарова-Илиевска, Аритон Ала и Владо Камбовски. Чачарова-Илиевска оцени дека седумгодишното искуство на Јакупи во Вишиот управен суд е доволно за да ги познава состојбите и проблемите во управното судство, додека Камбовски оцени дека тој ја понудил најдобрата програма.
Сепак, изборот не помина без забелешки. Против кандидатурата на Јакупи се изјасни Сузана Јошевска, која оцени дека тој има најмал судиски стаж од сите пријавени кандидати и е единствениот што нема судиски стаж во институцијата со која треба да раководи. Таа забележа и дека неговата програма содржи поставени цели, но тие не се доволно разработени.
Јакупи е судија во Вишиот управен суд, каде претходно ја извршувал функцијата заменик-претседател. Во професионалната кариера бил и заменик-министер за правда, како и член на Државната изборна комисија.
За функцијата претседател на Управниот суд конкурирале пет кандидати. Пријавите на Субхи Јакупи, Газменд Фејзули, Едита Наскова и Ѓоко Живковски биле оценети како навремени и комплетни, додека пријавата на Љуљзим Салиу била отфрлена како некомплетна.
На конечната предлог-листа се нашле:
-
Ѓоко Живковски – судија во Управниот суд, со 12 години судиски стаж.
-
Субхи Јакупи – судија во Вишиот управен суд, со седум години судиски стаж.
-
Едита Наскова – судијка во Вишиот управен суд, со 14 години судиски стаж.
-
Газменд Фејзули – судија во Управниот суд, со 18 години судиски стаж.
На истата седница Судскиот совет го усвои и записникот од 557. седница, одржана на 30 септември годинава, а донесе и одлуки за разрешување судии поротници од основните судови во Велес и Тетово.

