ТУРЦИТЕ, СРБИТЕ И ГЕРМАНЦИТЕ НАЈБРОЈНИ Над 136.000 туристи ја посетиле Македонија во септември

Во првите девет месеци од годинава туристичката посетеност е зголемена за 3 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

ТУРЦИТЕ, СРБИТЕ И ГЕРМАНЦИТЕ НАЈБРОЈНИ Над 136.000 туристи ја посетиле Македонија во септември
Фото: Принтскрин

Македонија во септември 2026 година ја посетиле вкупно 136.305 туристи, кои оствариле 264.370 ноќевања, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Странските туристи и овој месец убедливо доминираат во туристичката посетеност. Тие сочинуваат 75,1 процент од вкупниот број гости, додека домашните туристи учествуваат со 24,9 проценти.

Слична е состојбата и кај ноќевањата. Од вкупно 264.370 реализирани ноќевања, 66,2 проценти се остварени од странски, а 33,8 проценти од домашни туристи. Според земјата на потекло, најголем број странски туристи во септември дошле од Турција дури 27.933.

На второто место се туристите од Србија со 8.358 посетители, а на третото место се Германците со 6.633 туристи. Меѓу најбројните странски гости се и Полјаците, од каде што пристигнале 4.656 туристи.

Позитивни се и податоците за вкупниот туристички промет во периодот од јануари до септември 2026 година. Во споредба со истиот период минатата година, бројот на туристи е зголемен за 3 проценти. Кај домашните туристи растот изнесува 2,8 проценти, додека кај странските е регистрирано зголемување од 3 проценти.

Раст е забележан и кај ноќевањата, чиј вкупен број е зголемен за 3,5 проценти. Домашните туристи оствариле 2,4 проценти повеќе ноќевања, а странските дури 4,6 проценти повеќе во однос на првите девет месеци од 2025 година.

Податоците покажуваат дека странските гости остануваат главниот двигател на туристичката посетеност во Македонија, со најголемо учество во вкупниот број туристи и реализирани ноќевања.

CATEGORIES
Share This