ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА АЛТА БАНКА Отворена експозитура во скопски Бисер, нови приливи без ограничување
Граѓаните можат слободно да располагаат со новите приливи од други банки, компаниите повторно ќе можат да исплаќаат плати, а во Скопје е отворена првата експозитура по воведувањето привремена администрација.

Клиентите на Алта банка – Битола добиваат нови олеснувања, а од денеска повторно е отворена и експозитурата во скопскиот трговски центар „Бисер“ во општина Аеродром. Ова е првата експозитура на банката што повторно започнува со работа во Скопје по воведувањето привремена администрација. Граѓаните на шалтер можат да подигнуваат готовина, но во рамките на утврдените ограничувања.
Во меѓувреме, Народната банка донесе нови измени на мерките за работењето на Алта банка, со кои дополнително се олеснува располагањето со средствата на клиентите. Една од поважните новини се однесува на физичките лица. Со измената на Решението за администрација, клиентите ќе можат во целост и без ограничување на износот да располагаат со новите средства уплатени на нивните сметки во Алта банка, доколку тие пристигнуваат од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги.
„Со измената се овозможува и физичките лица во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги“, информираат од Народната банка.
Олеснување има и за компаниите кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку Алта банка. Тие повторно ќе можат да ги користат банкарските услуги за исплата на платите, како и за уплата на соодветните даноци и придонеси. Сепак, можноста се однесува на фирмите за кои исплатата на платите преку оваа банка претставувала воспоставена практика во трите месеци пред донесувањето на одлуката.
Предвидено е и зголемување на дозволениот износ за исплата. Компаниите ќе можат да користат средства во висина до пет проценти над вкупниот износ на платите што ги исплатиле во октомври. Со ова, Народната банка овозможува продолжување на редовните исплати кон вработените и подмирување на обврските кон државата, но истовремено ја задржува контролата врз одливот на средства од банката.
Од вчера, клиентите на Алта банка имаат можност и преку електронското и мобилното банкарство да вршат плаќања, во рамките на дозволените лимити. Од Народната банка посочуваат дека внимателно ја следат состојбата во банката и постепено ги приспособуваат мерките, земајќи ги предвид условите за нејзино работење и потребите на клиентите.
Приоритет, како што наведуваат, остануваат заштитата на интересите на клиентите, постепеното олеснување на ограничувањата и задржувањето соодветна контрола врз одливот на средствата.

