СЕ ЗАЉУБИВМЕ ВО ОХРИД Шпанските виртуози ја кренаа публиката на нозе со концерт за паметење
Пијано триото „Вибрарт“ доби бурни аплаузи и стоечки овации, а музичарите признаа дека првата посета на Македонија ги воодушевила.

Бурни аплаузи и стоечки овации доби шпанското пијано трио „Вибрарт“ од публиката која синоќа го исполни просторот на традиционалната Шпанска вечер во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Концертната вечер ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Рафаел Сориано Ортиз, кој истакна дека културната соработка меѓу двете земји претставува мост што ги зближува народите и ги зацврстува билатералните односи.
„Годинава имаме повеќе причини за одбележување. Во 2026 година се навршуваат 40 години од пристапувањето на Шпанија во Европската Унија – процес што целосно ја трансформираше нашата земја и општество. Шпанија останува силен поддржувач на европските аспирации на вашата држава. Истовремено, годинава се одбележуваат и 20 години од отворањето на шпанската амбасада во Скопје, што претставува уште една потврда за нашата посветеност кон зајакнување на пријателските односи“, рече Ортиз, упатувајќи благодарност до директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, за успешната културна соработка.
На сцената настапија тројца врвни шпански музичари – пијанистот Хуан Перез Флористан, виолинистот Мигел Колом Куеста и виолончелистот Фернандо Ариас Фернандез. Со извонредна музикалност, техничка прецизност и искрен уметнички пристап тие ја воодушевија публиката, која повеќе од час и половина уживаше во внимателно избраниот репертоар. По концертот, членовите на триото не го криеја своето воодушевување од првата посета на Македонија и Охрид.
„Ова ни е прво гостување не само на фестивалот, туку и во Македонија. Никогаш претходно не сме биле во овој регион и буквално се вљубивме во Охрид. Градот е прекрасен, а црквата во која настапивме е еден од најубавите православни храмови што сме ги виделе. Нејзината акустика е извонредна и ни овозможи да го дадеме најдоброто од себе“, изјавија музичарите.
Тие појаснија дека за настапот избрале репертоар составен од големи дела на класичната музика – клавирското трио во Д-дур од Лудвиг ван Бетовен, Клавирското трио бр. 1 во д-мол од Феликс Менделсон, како и поретко изведуваното „Ноктурно“ оп. 148 од Франц Шуберт. За бис изведоа композиција од шпанскиот композитор Мануел де Фаља, во чест на 150-годишнината од неговото раѓање.
Покрај заедничката работа во триото „Вибрарт“, тројцата уметници успешно градат и меѓународни солистички кариери. Образувани на престижната Висока школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид и во Берлин, тие активно се занимаваат и со педагошка дејност и настапуваат со реномирани оркестри ширум Европа.
На Шпанската вечер присуствуваа и претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на фестивалот, како и државниот секретар за Европската Унија во Министерството за надворешни работи на Шпанија, Фернандо Маријано Сампедро Маркос.


