СЕ ВРАТИ МАРКОВСКИ По шпекулациите дека побегнал во Србија, адвокатот откри каде се наоѓа

Борче Марковски, обвинет во случајот со тендерите во РЕК, според неговиот адвокат веќе е во Битола со семејството – „не бегаме од судење“.

СЕ ВРАТИ МАРКОВСКИ По шпекулациите дека побегнал во Србија, адвокатот откри каде се наоѓа
Фото: Принтскрин

Бизнисменот Борче Марковски, обвинет во случајот со злоупотреби при тендери во РЕК, се вратил во Македонија и во моментов се наоѓа во Битола со своето семејство, потврди неговиот адвокат Марјан Николоски за ТВ 24. Според адвокатот, Марковски ги завршил обврските поради кои отпатувал во Србија, а паниката во јавноста околу неговото патување била непотребна.

„Ги заврши работите во Србија за кои го баравме пасошот. Чекаме да почне судењето за да ги расчистиме работите. Ние не бегаме од судење“, изјави Николоски.

Тој објаснува дека патувањето било неопходно поради обврски поврзани со фирмата на Марковски во Србија. Според него, доколку на бизнисменот не му било дозволено да отпатува и по евентуално ослободителна пресуда фирмата претрпела штета, државата би можела да биде одговорна за надоместување на таа штета.

Марковски на 29 јули преку граничниот премин „Табановце“ ја напушти Македонија и замина за Србија, откако Основниот суд во Струга претходно му го врати пасошот со приложена гаранција во вредност од над пет милиони евра. При преминувањето на границата, тој бил задржан на полициска проверка, но потоа му било дозволено да ја напушти земјата, бидејќи во системот немало активна мерка со која му се забранува излез од државата.

По неговото заминување во Србија, во јавноста се појавија шпекулации дека Марковски побегнал од земјава. Во исто време беа упатени критики и кон обвинителството поради одлуката да му биде вратен пасошот, имајќи предвид дека против него се води постапка за сериозни кривични дела. Марковски, како сопственик на „Марковски компани“, е еден од осумтемина обвинети физички лица во предметот. Во постапката е опфатена и неговата компанија како правно лице.

Случајот се однесува на наводни злоупотреби при тендери поврзани со дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ кон рудниците во Битола, во вредност од околу 1,7 милиони евра. Борче Марковски е и почесен конзул на Белорусија во Македонија, а поседува компании и имот во Србија.

Иако адвокатот тврди дека Марковски веќе е во Битола, засега нема официјална потврда од надлежните институции за неговото враќање во земјава.

ОДБИЕНО, ПА ОДОБРЕНО Му го враќаат пасошот на обвинетиот за злоупотребени милионски тенедери за РЕК „Битола“

CATEGORIES
Share This