СЕ ПОДГОТВУВА ПРЕСВРТ ВО ПАРНИЧНАТА ПОСТАПКА Менуваат закон што ги засега сите граѓани

Во Собранието се одржа јавна расправа за Предлог-законот за парнична постапка.

СЕ ПОДГОТВУВА ПРЕСВРТ ВО ПАРНИЧНАТА ПОСТАПКА Менуваат закон што ги засега сите граѓани
Фото: Принтскрин

Во рамките на 69. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се одржа јавна расправа по Предлог-законот за парничната постапка.

На расправата, покрај членовите на Комисијата, учествуваа претставници на институции, организации, здруженија и асоцијации, како и правници, судии, адвокати, универзитетски професори и други експерти од областа на правото.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, нагласи дека ставовите и предлозите на стручната јавност се од особено значење за Собранието и за Комисијата, бидејќи придонесуваат кон подобрување на законските решенија и поефикасно остварување на целите на измените.

Од Собранието посочуваат дека целта на предложениот закон е надминување на проблемите во практичната примена на постојното законско решение, особено во делот на вештачењето, доставата, забрзувањето на постапките во спорови од мала вредност и други прашања кои биле посочени од судии, адвокати и надлежни институции. Дел од забелешките произлегуваат и од извештајот на Светска банка „Doing Business 2020“.

Учесниците во расправата се согласија дека предложените измени се значајни и ќе придонесат за поефикасна заштита на правата на граѓаните пред судовите. Промените опфаќаат повеќе области, меѓу кои вештачење, медијација, писмени изјави на сведоци, спорови од мала вредност, дигитализација на постапките, како и електронска достава и електронски потпис.

Експертите оценија дека Законот за парничната постапка е еден од клучните акти во граѓанското процесно право, поради што неговото унапредување е од суштинско значење за правниот систем.

Со предложените измени се очекува поефикасна, побрза и поквалитетна парнична постапка, како и подобро остварување на правата и интересите на сите учесници во процесот.

Исто така, се предвидува усогласување со другите поврзани закони, што треба да придонесе за постабилен граѓанско-правен систем, пополнување на правните празнини и приближување кон европските стандарди, особено во делот на заштитата на колективните интереси и правата на граѓаните.

CATEGORIES
Share This