СЕ МЕНУВА ПРЕСМЕТКАТА НА ПЛАТИТЕ Нови стапки на придонеси од јуни 2026

Стапката за пензиско осигурување се зголемува, а придонесот за невработеност се намалува и вкупниот товар останува 28 проценти

СЕ МЕНУВА ПРЕСМЕТКАТА НА ПЛАТИТЕ Нови стапки на придонеси од јуни 2026
Фото: Принтскрин

Двете собраниски комисии – Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија го поддржаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и го испратија во понатамошна собраниска процедура.

Со законските измени, кои се предлагаат по скратена постапка, се предвидува привремена промена на стапките на придонесите за периодот од јуни до декември 2026 година. Целта, според образложението, е зајакнување на финансиската стабилност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, преку прераспределба на средствата од системот на социјално осигурување.

Предлогот предвидува зголемување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, додека истовремено се намалува придонесот за осигурување во случај на невработеност. Од предлагачите посочуваат дека нема да има зголемување на вкупниот придонесен товар, бидејќи вкупната стапка останува непроменета и ќе изнесува 28 проценти.

Според новото решение, за платите исплатени во периодот јуни-декември 2026 година, пензискиот придонес ќе се зголеми од 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за невработеност ќе се намали од 1,2 на 0,1 процент.

Останатите придонеси остануваат исти,  здравственото осигурување останува 7,5 проценти, а придонесот за професионално здравје 0,5 проценти.

Во предлог-законот се регулираат и други прашања поврзани со пресметката и уплатата на придонесите, вклучително и посебните категории осигуреници, различните основици и стажот со зголемено траење.

По усвојувањето на комисиските седници, законските измени треба да бидат разгледани и на пленарна седница во Собранието.

CATEGORIES
Share This