РКЕ НАЈАВУВА ГОЛЕМА ПРОМЕНА Евтината струја може да стигне и до сабота

РКЕ анализира нов модел според кој евтината тарифа би можела да важи и во сабота, а се разгледуваат и промени во дневните часови.

РКЕ НАЈАВУВА ГОЛЕМА ПРОМЕНА Евтината струја може да стигне и до сабота
Фото: Принтскрин

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) анализира можност за промени во тарифниот модел за електричната енергија, со цел граѓаните да добијат поевтина струја во периодите кога на пазарот има вишок енергија.

Една од опциите што се разгледува е евтината тарифа, која во моментов важи во недела, да биде проширена и на сабота. Според претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, токму за време на викендите има поголема понуда на електрична енергија бидејќи голем дел од индустриските капацитети не работат.

Ристов посочува дека се анализира и можноста за воведување дополнителен период на дневна евтина тарифа, особено во часовите кога берзанските цени на електричната енергија се најниски.

„Податоците што ги добиваме од македонската берза за електрична енергија покажуваат дека периодот од 11 до 15 часот е особено поволен, бидејќи тогаш има вишок енергија и цените се значително пониски. Можно е во тој период да се прошири евтината тарифа, а истовремено да се преиспита ноќниот период“, изјави Ристов.

Тој објаснува дека моменталната состојба создава економски нелогичности, бидејќи највисоките берзански цени често се појавуваат во вечерните часови, токму кога домаќинствата ја користат ноќната евтина тарифа.

„Најскапата енергија на пазарот е во периодот од 21 до 23 или 24 часот, а ние токму тогаш имаме евтина тарифа. Тоа е нешто што треба да се анализира“, вели претседателот на РКЕ.

Сепак, конечна одлука сè уште нема. Од РКЕ најавуваат дека пред евентуалните измени ќе биде организирана јавна дебата, а новите тарифни модели би можеле да почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година, доколку анализите покажат дека се во интерес на потрошувачите.

Ристов додава дека можно е тарифите да се менуваат и сезонски, зависно од производството на електрична енергија, особено во периоди со големо производство од сончеви централи.

„Сè уште се разгледуваат сите опции. Целта е енергијата да стигне до крајните потрошувачи на потранспарентен и поевтин начин. Ревизијата на блок-тарифите не е насочена кон заштита на одредени производители, туку кон подобро искористување на достапната енергија“, порача Ристов.

CATEGORIES
Share This