САКАШ ДА БИДЕШ ДЕЛ ОД ОЛИМПИЈАДАТА Македонците добија шанса за LA28

Отворени се апликациите за волонтери за Игрите во Лос Анџелес 2028 – можност за меѓународно искуство и учество во најголемиот спортски спектакл во светот.

САКАШ ДА БИДЕШ ДЕЛ ОД ОЛИМПИЈАДАТА Македонците добија шанса за LA28
Фото: Принтскрин

Подготовките за едно од најголемите спортски случувања во светот веќе се во полн ек, а организаторите на Олимписките и Параолимписките игри во Лос Анџелес 2028 ја отвораат можноста за сите заинтересирани да станат дел од овој глобален настан.

Македонскиот олимписки комитет информира дека се започнати апликациите за волонтери за LA28. Волонтерите ќе имаат значајна улога во организацијата на Игрите, работејќи зад сцената и придонесувајќи за успешно одвивање на натпреварите и создавање незаборавно искуство за спортистите, навивачите и посетителите.

Ова е уникатна можност за љубителите на спортот, младите и сите оние кои сакаат да стекнат нови знаења и искуства да бидат дел од најголемата спортска сцена во светот. Покрај директното учество во организацијата на Игрите, волонтерите ќе имаат можност да развијат нови вештини, да работат во меѓународна средина, да запознаат луѓе од различни култури и да создадат вредни контакти.

Учеството како волонтер на LA28 претставува можност за лично и професионално усовршување, како и искуство што се поврзува со вредностите на олимпиското движење – спорт, пријателство и поврзување меѓу луѓето.

Под мотото „Follow the Sun“ („Следи го сонцето“)​, Олимписките и Параолимписките игри во Лос Анџелес 2028 ја претставуваат визијата за настан исполнет со енергија, различност и заедништво преку спортот. Во таа визија важна улога имаат и волонтерите, кои со својата посветеност ќе помогнат во создавањето на атмосферата по која Игрите се препознаваат.

Сите заинтересирани можат да аплицираат и да станат дел од меѓународното олимписко искуство во Лос Анџелес 2028.

Повеќе информации и апликација:
https://volunteer.la28.org/en

CATEGORIES
Share This