10 ГОДИНИ КОГА МАКЕДОНИЈА ЗАПЛАКА Водната бомба во Стајковци однесе 22 животи

Деценија по катастрофалните поплави, споменот на жртвите останува – порака никогаш повеќе граѓаните да не бидат оставени сами во несреќа.

10 ГОДИНИ КОГА МАКЕДОНИЈА ЗАПЛАКА Водната бомба во Стајковци однесе 22 животи
Фото: Принтскрин

Се навршија десет години од една од најголемите трагедии што ја погодија Македонија. Се споија небото и земјата и разорната „водна бомба“ што ги зафати Стајковци и околните населби однесе 22 човечки животи, зад себе оставајќи неизмерна болка, уништени домови и судбини што засекогаш беа променети.

Во тие тешки денови, бројни екипи, доброволци и хумани граѓани се вклучија во расчистувањето на последиците од поплавите. Се донираа парични средства, храна, вода и неопходна помош за семејствата погодени од катастрофата, покажувајќи дека солидарноста е најголемата сила кога народот се соочува со несреќа.

Но, трагедија од вакви размери бара и силен институционален одговор. Кога граѓаните страдаат, нема место за политички калкулации – потребни се брзи, организирани и ефикасни мерки. Тоа беше време кога хуманоста и одговорноста требаше да бидат единствениот приоритет.

За жал, тогашната власт, како и дел од транзициските милионери кои своето богатство го стекнаа во спорната приватизација, не покажаа доволно чувство за општествена одговорност. Наместо масовна и координирана поддршка, многу од настраданите останаа сами во борбата со последиците од катастрофата.

Денес, десет години подоцна, со длабока почит се сеќаваме на 22-те жртви на оваа трагедија. Нивниот спомен нè обврзува да извлечеме поука и да изградиме систем што ќе биде подготвен навремено и ефикасно да реагира во вакви кризни ситуации. Нивната жртва не смее да биде заборавена, а наша должност е да направиме сè никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија и ниту еден граѓанин да не биде оставен сам кога му е најтешко.

CATEGORIES
Share This