РУБИО СО ЖЕСТОКА ПОРAКА ДО ИРАН Ако не сте сериозни, ќе направиме што е потребно
Американскиот државен секретар го обвини Техеран дека не е сериозен за преговори и предупреди дека загрозувањето на пловидбата низ Ормутскиот теснец може да има последици за целиот свет.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Иран не покажува сериозност во однос на можните преговори со Соединетите Американски Држави, додека американските сили продолжуваат со нападите врз ирански цели.
Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Филипините, Рубио порача дека Вашингтон е подготвен за разговори, но и за преземање дополнителни чекори доколку Техеран не покаже подготвеност за сериозни преговори.
„Проблемот што го имаме во моментов е што тие не се сериозни во врска со преговорите. Ако сте сериозни, и ние сме сериозни. Ако не сте, ќе направиме што е потребно за да ги заштитиме нашите интереси и интересите на нашите сојузници“, изјави Рубио, пренесува Ројтерс.
Тој воедно го обвини Иран дека ја загрозува слободата на пловидба во Ормутскиот теснец, стратешкиот поморски коридор преку кој се одвива значаен дел од светската трговија со нафта. Според Рубио, Иран нема право еднострано да го контролира поморскиот сообраќај во теснецот и предупреди дека таквиот потег би можел да создаде опасен меѓународен преседан.
„Ако создадеме преседан на Блискиот Исток каде што една држава може да одлучи да контролира меѓународен воден пат, тоа би можело да се повтори и во други делови од светот“, порача американскиот државен секретар.
Тој оцени дека прашањето не се однесува само на Ормутскиот теснец, туку и на поширокиот принцип на слобода на пловидба, предупредувајќи дека нејзиното загрозување може да има сериозни последици врз глобалната економија.
Според наводите во извештајот, од почетокот на конфликтот меѓу САД и Израел и Иран кон крајот на декември, Техеран воспоставил контрола врз теснецот, иако тој претставува меѓународен поморски коридор чие користење е поврзано со принципот на слобода на пловидба. Во исто време, САД продолжиле со мерки насочени кон ограничување на пристапот на Иран до неговите пристаништа.
ТРАМП НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА Го уништуваме Иран со темпо за кое никој не мислеше дека е можно


