ТРАМП ИМА НЕОБИЧЕН ПЛАН Го сака шефот на ФИФА за нов генерален секретар на ОН
Според „Њујорк пост“, американскиот претседател смета дека Џани Инфантино е почитуван ширум светот и има способност да ги обединува луѓето, но останува неизвесно дали претседателот на ФИФА воопшто е заинтересиран за функцијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, би можел да биде следниот генерален секретар на Обединетите нации, објави „Њујорк пост“, повикувајќи се на извори блиски до американскиот претседател.
Според еден од изворите, Трамп го гледа 56-годишниот швајцарски фудбалски функционер како личност која е „почитувана низ целиот свет“ и поседува „посебна способност да ги обединува луѓето“.
Инфантино во изминатиот период дополнително се зближи со Трамп, особено во рамките на подготовките и организацијата на Светското првенство. Тој во повеќе наврати го вклучи американскиот претседател во активности поврзани со ФИФА, а во декември му ја додели и првата награда на организацијата за мир.
Мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, истекува на крајот од декември, а изборот на негов наследник треба да се спроведе во текот на оваа година.
Процедурата предвидува кандидатот прво да обезбеди поддршка од Советот за безбедност на ОН, составен од 15 членови. Петте постојани членки имаат право на вето, по што кандидатурата треба да биде потврдена и од Генералното собрание на светската организација.
Засега нема информации дали самиот Инфантино е заинтересиран за функцијата, ниту колку сериозно Трамп разговарал со него за оваа можност.
Меѓу потенцијалните кандидати за наследник на Гутереш се споменуваат и поранешната претседателка на Чиле, Мишел Бачелет, како и Рафаел Гроси, актуелниот генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Кандидатурата на Бачелет би можела да наиде на отпор од САД, додека евентуалната кандидатура на Гроси, според извештаите, би можела да предизвика резерви во Велика Британија поради спорот околу Фолкландските Острови.
Потенцијалната кандидатура на Инфантино би била надвор од неформалното очекување новиот генерален секретар да биде од Латинска Америка или од Карибите. Последен претставник од тој регион на чело на ОН бил перуанскиот дипломат Хавиер Перез де Куељар, кој ја извршуваше функцијата од 1982 до 1991 година.
Сепак, според неколку извори, географската ротација не претставува формално правило и не би морала да биде пречка за кандидатурата на Инфантино. Тој, наводно, би можел да добие поддршка од повеќе земји, покрај евентуалната поддршка од администрацијата на Трамп.
Паоло Замполи, италијанско-американски бизнисмен и дипломат, кој е специјален пратеник на Трамп за глобални партнерства, за „Њујорк пост“ изјавил дека „само претседателот Трамп би можел да има таква брилијантна идеја“.
Замполи смета дека Инфантино би можел успешно да ја извршува функцијата и да внесе нова енергија во, како што го опишува, големиот бирократски систем на ОН. Според него, спортот би можел да се искористи како средство за градење мостови меѓу државите и за поддршка на младите и сиромашните ширум светот.
Евентуалното заминување на Инфантино во ОН, сепак, би значело и значително намалување на неговите приходи. Како претседател на ФИФА, тој заработува околу шест милиони долари годишно, додека годишниот надомест за генералниот секретар на ОН изнесува околу 418.000 долари.
Инфантино веќе ја најави својата кандидатура за нов мандат на чело на ФИФА. Изборите за претседател на светската фудбалска организација се закажани за март следната година.


