КАКО ИЗГЛЕДАЛ ОХРИД ПРЕД 130 ГОДИНИ Нушиќ оставил сведоштво што повторно оживува

Во новото македонско издание на „Крај бреговите на Охридското Езеро“ се откриваат старите населби, рибарските традиции и животот покрај езерото во XIX век.

КАКО ИЗГЛЕДАЛ ОХРИД ПРЕД 130 ГОДИНИ Нушиќ оставил сведоштво што повторно оживува
Фото: Принтскрин

Повеќе од 130 години по неговото прво објавување, патописот „Крај бреговите на Охридското Езеро“ од Бранислав Нушиќ повторно ги отвора страниците на минатото, носејќи ги читателите во Охрид, Струга и околните езерски населби од крајот на XIX век. Книгата неодамна излезе во издание на „Матица македонска“, во превод на Иван Антоновски, кој го преведе делото непосредно од оригиналното издание од 1894 година.

Познат како автор на комедиите „Госпоѓа министерка“ и „Сомнително лице“, Нушиќ во ова дело се открива и како внимателен патописец, кој не се задржува само на природните убавини и знаменитостите, туку навлегува и во секојдневието на луѓето што живееле покрај езерото.

Неговите записи ги опфаќаат обичаите, занимањата, локалните преданија и начинот на живот во охридскиот крај. Покрај историските податоци и описите на природата, значајно место заземаат рибарството и кажувањата на локалното население, кои денес претставуваат вредно сведоштво за времето и средината во која настанале.

Посебната вредност на патописот е во тоа што на читателот му овозможува да го спореди денешниот изглед на Охридското Езеро со сликата што Нушиќ ја забележал пред повеќе од еден век. Познатите места, имињата и преданијата добиваат историска длабочина, а описите го оживуваат просторот што денес најчесто го препознаваме преку неговите туристички знаменитости.

Македонското издание содржи и илустрации од првото издание, објавено во 1894 година. Тие се важен визуелен документ за начинот на кој биле претставени езерото, населбите и животот покрај неговите брегови на крајот од XIX век.

Со ова издание, „Матица македонска“ им нуди на читателите можност повторно да го откријат Нушиќ надвор од неговиот познат комедиографски опус, но и да се запознаат со еден поинаков историски портрет на Охрид, Струга и нивната околина.

CATEGORIES
Share This