МИЛИОНИ ИСЧЕЗНАЛЕ ВО ТРОШОЦИ – МЕПСО плаќало провизии за кредити што не ги користело

Државниот завод за ревизија откри серија неправилности во работењето на енергетската компанија – од нерешена сопственост на инфраструктурата до милионски трошоци за неискористени кредити.

МИЛИОНИ ИСЧЕЗНАЛЕ ВО ТРОШОЦИ – МЕПСО плаќало провизии за кредити што не ги користело
Фото: Принтскрин

Државниот завод за ревизија откри серија неправилности во работењето на АД МЕПСО за 2024 година, меѓу кои нерешени имотно-правни односи, милионски трошоци за неискористени кредити, спорни вработувања и проблеми со одржувањето на главната зграда на компанијата.

Според ревизорскиот извештај, повеќе од половина од далноводите во земјата немаат регулирана сопственост. Од вкупно 112 далноводи во преносната мрежа, дури 59 се без имотни листови.

Дополнително, статусот на 33 трафостаници останува нерешен. Иако тие се во заедничка сопственост на МЕПСО и ЕВН Македонија, во Катастарот се евидентирани само на име на приватната компанија или се уште се во постапка за запишување на сопственичките права. За решавање на овој проблем работна група е формирана дури во 2025 година.

Ревизорите посочуваат дека поради неусогласени сметководствени евиденции не може со сигурност да се утврдат точниот број и вредноста на далноводите и трафостаниците, што директно влијае врз пресметката на тарифата за пренос на електрична енергија.

Речиси 9 милиони евра за камати и провизии

МЕПСО со години користи меѓународни кредитни линии за реализација на инфраструктурни проекти, но значителен дел од средствата остануваат неискористени поради доцнење на проектите.

Од вкупно одобрени заеми во вредност од 102,4 милиони евра, неповлечени останале 53,4 милиони евра. Само во 2024 година за провизии поради неискористени средства биле платени 245.629 евра, додека вкупниот износ на провизии, камати и надоместоци за одобрување кредити достигнал 8.996.052 евра до крајот на 2024 година.

Како пример ревизорите го наведуваат заемот од Европската банка за обнова и развој во износ од 26,4 милиони евра за изградба на далноводот Валандово – Милетково. Иако проектот сè уште не започнал, веќе се исплатени 155.672 евра за провизии на неповлечените средства.

Меѓу најголемите доцнења е реконструкцијата на далноводот „Битола 1 – Прилеп“, чија реализација е пролонгирана за пет години и осум месеци.

Зголемени заеми кон други државни компании

Ревизијата покажува дека МЕПСО, иако тоа не е негова основна дејност, одобрувал заеми на други државни акционерски друштва.

Побарувањата по дадени заеми достигнале 9,6 милиони евра, што е десеткратно зголемување во споредба со 2020 година. Ревизорите предупредуваат дека ваквата практика може негативно да влијае врз ликвидноста на компанијата.

Воедно, околу 12 проценти од вкупните побарувања се постари од три години и најчесто се поврзани со трговци со електрична енергија кои создале дебаланс во системот. За дел од овие долгови не е дадено објаснување зошто со години не се наплатени.

Неправилности при вработувањата

Ревизорите утврдиле неправилности и во кадровската политика. Кај 65 проценти од нововработените, односно кај 45 лица, биле констатирани отстапувања од условите предвидени во јавните огласи и систематизацијата на работните места.

Дел од новите вработени веднаш по приемот биле прераспределени или унапредени на други позиции.

Фасада од 8,8 милиони евра веќе бара санација

Ревизорите предупредуваат и на сериозни оштетувања на фасадата на административната зграда на МЕПСО во центарот на Скопје.

За реконструкцијата на фасадата во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 8.866.400 евра, а објектот бил ставен во употреба во мај 2021 година без претходно извршен технички прием и без обезбедена употребна дозвола.

Во извештајот се нотираат и слабости поврзани со сајбер-нападот што ја погоди компанијата во 2024 година, поради што ревизорите препорачуваат итно зајакнување на системите за кибер-безбедност.

Меѓу останатите забелешки се и прашања поврзани со пописот на средствата, расходуваната опрема, инвестициската програма, синдикалното финансирање, авторските договори, како и доделувањето спонзорства и донации.

Од МЕПСО соопштија дека целосно ги прифаќаат наодите од ревизорскиот извештај и дека веќе работат на отстранување на утврдените слабости. Оттаму нагласуваат дека најголем дел од констатираните проблеми се наследени од претходни раководства и претставуваат резултат на процеси што се акумулирале со години, а во одредени случаи и од формирањето на компанијата во 2004 година. Според новото раководство, препораките од ревизијата ќе бидат преточени во конкретни мерки со цел ваквите слабости да не се повторуваат во иднина.

CATEGORIES
Share This