ПУТИН ГО МЕНУВА ТОНОТ КОН ЕВРОПА Подготвени сме да ги обновиме односите
Москва испраќа порака за соработка со европските соседи, додека рускиот претседател истовремено ги критикува НАТО и европските лидери поради предупредувањата за можен конфликт со Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин порача дека Москва е подготвена да ги обнови дипломатските односи и соработката со европските земји, нагласувајќи дека Русија нема непријателски намери кон Европа.
Според „Киев пост“, кој се повикува на руската државна новинска агенција ТАСС, Путин ова го изјавил на состанокот на Руската воено-индустриска комисија.
„Подготвени сме да соработуваме и да ги обновиме односите со нашите европски соседи“, рекол Путин.
Путин: Не планираме агресија против Европа
Рускиот претседател истакна дека Москва нема намера да започне агресија против европските земји.
Во исто време, Путин ги обвини европските лидери дека со предупредувањата за можен вооружен конфликт со Русија се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста од економските и социјалните проблеми со кои се соочуваат нивните земји.
Тој повторно го критикуваше и НАТО, тврдејќи дека Алијансата продолжува да го проширува своето влијание.
Пораката доаѓа во време на зголемени тензии
Изјавите на Путин доаѓаат во период на зголемени предупредувања од дел од европските лидери во врска со руските активности и можноста за натамошна ескалација.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони претходно ги повика европските сојузници на внимателност при проценувањето на потезите на Москва, оценувајќи дека Русија би можела да ја користи ескалацијата за да го одвлече вниманието од војната во Украина.
Путин, пак, тврди дека европските граѓани преку изборите покажуваат дека не сакаат директен конфликт со Русија.

