ПРИЛЕП СТАНУВА ЦЕНТАР НА ПОЕЗИЈАТА Поети од цела Македонија во трка за слем-титулата

16. „Поетски слем Македонија 2026“ носи четири дена исполнети со поетски дуели, промоции, гости од Мозамбик и големо финале во киното „Мис Стон“. Победникот ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство.

ПРИЛЕП СТАНУВА ЦЕНТАР НА ПОЕЗИЈАТА Поети од цела Македонија во трка за слем-титулата
Фото: Принтскрин

Националниот натпревар „Поетски слем Македонија 2026“ по 16. пат ќе се одржи во Прилеп, од 8 до 11 октомври. Манифестацијата, во организација на Театарската работилница – Прилеп, ќе собере поети од различни возрасти и со различни стилови на творење, кои ќе се натпреваруваат за титулата национален претставник.

Фестивалот ќе биде отворен денеска во 18:30 часот, во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“, со изложба на ДЛУМ – Битола. На истата локација, од 20 часот, ќе биде изведена поетската монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“.

За годинешната титула ќе се натпреваруваат дваесетина учесници и учеснички од цела Македонија. Меѓу нив се Бобан Богатиновски, Лиле Јовановска, Тања Кузманоска, Билјана Павлеска, Виктор Спасески, Жане Гудеска, Јулијана Маринковиќ, Маја Малиновска, Марија Грубор, Наталија Наумовска Велковска, Стефанија Граовац, Тони Павлески, Лилјана Сливоска, Елена Пренџова и Игор Трпчески.

Директен пласман во финалето обезбедија Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои освоија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, одржан на 26 септември во Скопје.

Специјални гостинки на фестивалот ќе бидат поетесите Елијане Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик.

Поетски промоции, полуфинале и големо финале

На 9 октомври, во 18 часот, во кафулето „Долапче“ ќе биде промовирана збирка од Елена Пренџова, која содржи хаику-поезија, хаига и задачи за креативно пишување. Промоторка ќе биде Катарина Фиаменго од Србија.

Во клубот „Дипломатик“, од 19 часот, ќе се одржат промоции на две поетски збирки од Александра Јуруковска и Сузана Мицевска, со Звонко Димоски како промотор.

Програмата продолжува во киното „Мис Стон“ од 20 часот, со настапи на специјалните гостинки од Мозамбик, по што ќе следува полуфиналето на слем-натпреварувањето.

Третиот фестивалски ден ќе биде исполнет со поетски промоции и главното слем-натпреварување. Во клубот „Дипломатик“, во 18 часот, ќе биде промовирана збирката поезија на Марија Грубор, а промоторка ќе биде Елена Пренџова.

Потоа, слем-карванот ќе тргне од прилепскиот плоштад, кај Саатот, и ќе се движи до Центарот за култура „Марко Цепенков“. Предвидена е и промоција на книгата „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески, со Ѓоко Здравески како промотор.

Големото слем-финале ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот. По него, публиката ќе може да присуствува на концертната промоција на збирката „Пружини“ од Пијан Славеј, во придружба на „Хот џез оркестра“.

Завршница со поетско читање на Трескавец

Последниот фестивалски ден, 11 октомври, учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, по што ќе се одржи поетско читање.

Вечерната програма ќе биде посветена на поезијата на Тихомир Јанчовски, а настанот ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“, со почеток во 19:30 часот.

„Поетски слем Македонија“ досега испратил 11 национални претставници на Европското слем-првенство и двајца на Светското слем-првенство. Победникот на годинешното издание ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност за учество и на светскиот натпревар.

Дизајнот на фестивалскиот плакат е дело на уметникот Владимир Лукаш.

CATEGORIES
Share This