ПОСЛЕДЕН УДАР ИЛИ КРАЈ 21-от пакет санкции спрема Русија може да биде последен

По 21-от пакет санкции, Брисел наводно размислува за нова стратегија поради несогласувањата меѓу земјите членки.

ПОСЛЕДЕН УДАР ИЛИ КРАЈ 21-от пакет санкции спрема Русија може да биде последен
Фото: Принтскрин

Европската Унија би можела да се откаже од носење нови големи пакети санкции против Русија, а 21-от пакет рестриктивни мерки би можел да биде последен од овој тип, објавува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на европски претставници.

„Сега стана јасно дека овој пристап повеќе не функционира“, изјавил еден од изворите за весникот.

Според информациите, Брисел размислува за промена на досегашната стратегија поради сè поголемите несогласувања меѓу земјите членки при усвојувањето на новите санкции. Како пример се посочува и неодамнешното долго усогласување околу мерките, при што Грција се спротивставила на забраната за транспорт на руски течен природен гас кон трети земји.

Советот на ЕУ во четвртокот го одобри 21-от пакет санкции, кој опфаќа ограничувања насочени кон рускиот енергетски, финансиски и одбранбен сектор, како и проширување на листата на санкционирани физички и правни лица.

Истовремено, ЕУ остави привремено ослободување за европските компании што овозможува транспорт на руски течен природен гас кон трети земји. Мерката ќе се разгледува еднаш годишно, при што може да биде продолжена, скратена или целосно укината.

Москва, од своја страна, повеќепати порача дека руската економија ќе продолжи да се справува со санкцискиот притисок од Западот. Руските власти тврдат дека политиката на санкции не ги дала очекуваните резултати и дека западните земји направиле грешка со ограничувањето на директното купување руски енергетски ресурси.

Според Москва, руските енергенси и натаму стигнуваат до западните пазари, но преку посредници, што на крајот резултира со повисоки трошоци за потрошувачите.

CATEGORIES
Share This