ПОЧИНА ИСМАИЛ БОЈДА Големиот борец за македонскиот идентитет и единство на Македонците

Бојда целиот свој живот го посвети на заложбите за правата на Македонците со исламска религија и за македонското единство.

ПОЧИНА ИСМАИЛ БОЈДА Големиот борец за македонскиот идентитет и единство на Македонците
Фото: Принтскрин

На 72-годишна возраст во Скопје почина Исмаил Бојда (Боја), долгогодишен претседател и почесен претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР). Веста за неговата смрт ја соопшти актуелниот претседател на СМИР, Љатиф Пајкоски, кој се прости од Бојда со порака дека со неговото заминување е изгубен човек кој целиот свој живот го посветил на заложбите за правата на Македонците кои припаѓаат на исламската религија.

„Со голема тага информираме дека почина нашиот почесен претседател Исмаил Бојда. Изгубивме голем човек, патриот, другар и пријател“, наведе Пајкоски.

Тој истакна дека делата на Бојда ќе останат како пример за идните генерации, особено неговите заложби за зачувување на македонскиот идентитет и единството на Македонците, без разлика на нивната верска припадност. Бојда често ја истакнувал потребата од сплотување на македонскиот народ, независно од религијата или местото на живеење.

„Суштинска е потребата од сплотување на Македонците, без разлика на нивната религија или место на живеење“, била една од неговите пораки, која ја пренесе Пајкоски.

Исмаил Бојда потекнувал од селото Борје, во областа Гора, Косово. Поголемиот дел од својот живот го поминал во Скопје, каде што живеел со семејството. Погребот ќе се одржи утре во Скопје.

CATEGORIES
Share This