ПО УРИВАЊЕТО НА ЛЕГЕНДАРНИОТ САЕМ Скопје повторно добива саем вреден 50 милиони евра што ќе го смени градот

По осум години без саем, државата најавува нов модерен комплекс преку јавно-приватно партнерство.

ПО УРИВАЊЕТО НА ЛЕГЕНДАРНИОТ САЕМ Скопје повторно добива саем вреден 50 милиони евра што ќе го смени градот
Фото: Принтскрин

По осум години без саемски простор, Скопје повторно би можело да добие современ саемски комплекс. Ова го најавува директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој посочи дека веќе постои потенцијална локација и дека проектот би се реализирал преку јавно-приватно партнерство.

Томовски истакна дека државата во моментов нема сопствен саемски простор и дека се во тек последни проверки околу имотно-правниот статус на предложената локација.

„Како држава во моментов немаме саем. Имаме локација во најава и чекаме потврда од Град Скопје и Катастар дали е правно чиста. Планот е да се изградат неколку саемски хали, спортски терени и хотел. Намерата е да се најде приватен инвеститор кој ќе го реализира проектот, за државата да не вложува околу 50 милиони евра, а објектот да остане во државна сопственост“, изјави Томовски.

Тој не ја откри точната локација, но нагласи дека се наоѓа во близина на Џавахир во Општина Аеродром.

Скопје остана без саем во 2018 година, кога беше урнат Скопскиот саем за да се изгради трговскиот центар Ист Гејт. Од тогаш, главниот град нема соодветен простор за одржување големи саемски, стопански и културни настани.

Уривањето на саемот тогаш предизвика реакции во јавноста, особено кај архитектите и урбанистите, кои во отворено писмо предупредија на губење значаен дел од архитектонското и стопанското наследство.

Скопскиот саем, изграден во 1972 година според проект на архитектите Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, со децении беше центар на бројни саемски, културни и музички случувања, од Саемот на книгата и мебелот, до туристички берзи и концерти на домашни и странски изведувачи.

Со најавата за нов комплекс, по речиси една деценија се отвора можност Скопје повторно да добие простор за големи домашни и меѓународни настани.

CATEGORIES
Share This