КРАЈ ЗА МАНИПУЛАЦИИ Казни до 200.000 евра за нефер трговски практики
Најмногу поплаки и спорови има во секторот за храна и земјоделство.

Се најавуваат построги казни за компаниите кои применуваат нефер трговски практики, при што максималните санкции би можеле да достигнат до 200.000 евра. Ова произлегува од предложените измени на Законот за нефер трговски практики, кои ги најавува Министерството за економија и труд, со цел поефикасна заштита на производителите и добавувачите.
Од Министерството укажуваат дека досегашната примена на законот открила одредени слабости, кои им овозможувале на дел од пазарните учесници да ги заобиколуваат правилата преку различни договорни аранжмани и деловни практики.
Со измените се настојува да се зајакне заштитата на производителите и добавувачите, особено во секторот на храна и земјоделство, каде најчесто се појавуваат несогласувања со големите трговски синџири околу условите за соработка.
Според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, досега се отворени околу 45 постапки за непочитување на законските одредби, а за утврдените прекршоци се изречени казни во вкупен износ од околу 200.000 евра.
Новите законски решенија треба да ја намалат можноста за злоупотреба на доминантната пазарна позиција и да воспостават поефикасни механизми за контрола на договорните односи меѓу трговците и нивните партнери.
Покрај законските измени, Министерството најавува и нов пакет мерки за вработување, насочен кон младите до 29 години, невработените лица, ранливите категории граѓани, како и кон лицата кои сакаат да започнат сопствен бизнис или да се вратат од странство.
Целта на овие мерки е истовремено да се обезбеди поправедна пазарна средина и да се поттикне економскиот развој и зголемувањето на вработеноста.
