ПЛАН ЗА ИДНИНАТА – Мексико го откри наследникот, сите очи вперени кон поранешната ѕвезда на Барселона

Од помошник до главен стратег: Маркез ја презема кормилото на Мексико.

ПЛАН ЗА ИДНИНАТА – Мексико го откри наследникот, сите очи вперени кон поранешната ѕвезда на Барселона
Фото: Принтскрин

Рафаел Маркез ќе ја преземе функцијата селектор на мексиканската фудбалска репрезентација по Светското првенство, потврди директорот на националниот тим Дуилио Давињо, пренесува „Фокс спортс“.

Маркез моментално е дел од стручниот штаб како помошник на селекторот Хавиер Агире, кој ќе се повлече од функцијата по завршувањето на Мундијалот. Светското првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули годинава во Мексико, САД и Канада.

Давињо истакна дека уште во 2025 година е постигнат договор Маркез да ја преземе селекторската позиција по завршувањето на шампионатот.

„Маркез има договор до 2030 година. Неговиот тренерски тим е околу 80 проценти комплетиран“, изјави тој.

Мексико на Светското првенство ќе настапи во групата А, каде што ќе се соочи со Јужна Африка, Јужна Кореја и Чешка.

Маркез, кој има 47 години, во играчката кариера настапуваше за Атлас, Монако, Барселона, Њујорк Ред Булс, Леон и Верона, а за репрезентацијата на Мексико одигра 147 натпревари и постигна 17 голови во периодот од 1997 до 2018 година.

CATEGORIES
Share This