ПАНАМА ПОВТОРНО НА ВРВОТ Ова е најдобрата земја за иселеници во 2026 година
Речиси 8.000 иселеници ја дадоа својата оценка – една европска земја е најдобра на континентот, а Германија и Норвешка се на дното.

Панама е прогласена за најдобра земја за живот на иселеници трета година по ред, покажува истражувањето „Expat Insider 2026“ на InterNations, објавено од Euronews. Во истражувањето учествувале речиси 8.000 иселеници од 162 националности, кои го оценувале животот во земјата во која живеат преку пет категории: работа во странство, лични финансии, квалитет на живот, услови за иселеници и леснотија на прилагодување.
Панама е на второто место според леснотијата на прилагодување, што ги опфаќа односот на локалното население кон странците и приспособувањето кон локалната култура. Високо е рангирана и во категоријата основни услови за иселеници, која ги опфаќа визите, бирократијата и други административни прашања.
Дури 87 отсто од иселениците во Панама велат дека се задоволни со животот во земјата, наспроти 70 отсто на глобално ниво. Околу една третина од нив планираат да останат таму засекогаш.
На второто место е Мексико, кое е прво во категоријата за леснотија на прилагодување. Иселениците особено го пофалиле лесното стекнување пријателства и гостопримливоста на локалното население.
Најсреќни иселеници живеат во Тајланд
Тајланд е на третото место во генералниот пласман, но има најголем процент на задоволни иселеници. Дури 86 отсто од нив велат дека се среќни во земјата, а 42 отсто би сакале да останат таму засекогаш.Како главни предности се издвојуваат ниските трошоци за живот и достапното домување. Околу 85 отсто од иселениците позитивно ги оцениле трошоците за живот во Тајланд.
Од европските земји, најдобро е рангирана Шпанија, која се најде на шестото место. Таа е прва во категоријата квалитет на живот, пред сè поради поволната клима, можностите за активности во слободното време, јавниот превоз и лесното патување.
Португалија е осма, при што е четврта според личните финансии и седма според леснотијата на прилагодување. Луксембург го заокружува првите 10, а особено високо е рангиран во категоријата работа во странство, каде што е прв според платите и сигурноста на работното место.
За една земја да биде вклучена во генералниот пласман, било потребно најмалку 50 иселеници од таа земја да учествуваат во истражувањето. Во 2026 година биле рангирани вкупно 31 земја.
Велика Британија, Турција и Германија меѓу најлошо рангираните
На дното од листата се Велика Британија на 28-то место, Турција на 29-то, Германија на 30-то и Норвешка на последното, 31-во место. Иако Норвешка редовно се наоѓа меѓу земјите со највисоко ниво на среќа во светот, иселениците имаат поинакво искуство. Земјата е последна според леснотијата на прилагодување, а е на 30-то место и според квалитетот на животот и личните финансии.
Германија, пак, е последна во категоријата основни услови за иселеници. Учесниците во истражувањето посочиле проблеми со дигиталните услуги, административните процедури, домувањето и јазичната бариера. Германија е на 28-то место и според леснотијата на прилагодување, додека во категоријата лични финансии се најде на 23-то место.

