ОХРИДСКО ЛЕТО СЛАВИ 66 ГОДИНИ Од Ана Липша-Тофовиќ до „модерниот Фаринели“

Во „Света Софија“ денеска промоција на монографијата за легендарната примадона, а вечерта роденденски концерт на Мајан Лихт и Пшемек Виницки

ОХРИДСКО ЛЕТО СЛАВИ 66 ГОДИНИ Од Ана Липша-Тофовиќ до „модерниот Фаринели“
Фото: Принтскрин

Со промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“, чија содржина ја потпишуваат Снежана Анастасова Чадиковска и Александар Трајковски, и со концерт на израелскиот машки сопран/контратенор Мајан Лихт и полскиот пијанист Пшемек Виницки, денеска фестивалот „Охридско лето“ ќе го одбележи својот 66. роденден.

Симболиката е особено силна бидејќи токму на 4 август 1961 година, во црквата „Света Софија“, оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ со својот солистички рецитал го означи почетокот на фестивалот. Шест и пол децении подоцна, на истото место ќе биде промовирана монографијата посветена на нејзиниот живот и уметничкиот пат, по повод 100 години од нејзиното раѓање (1926–2012).

Промоцијата е закажана за 19 часот во „Света Софија“. Авторите на монографијата, м-р Снежана Анастасова Чадиковска и д-р Александар Трајковски, се истакнати музички педагози и публицисти, добитници на повеќе признанија од областа на културата, публицистиката и педагогијата. Тие имаат значаен придонес во македонското музичко книгоиздателство, а од нивната долгогодишна соработка произлегоа и книгите „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при МНТ“ (2018) и „Милка Ефтимова – Моето богатство“ (2020).

Вечерта ќе продолжи со роденденски концерт, кој ќе започне во 21 часот. На сцената во „Света Софија“ ќе настапат Мајан Лихт и Пшемек Виницки.

Лихт, добитник на наградата „Најдобар дебитант“ на Оперските награди во Брисел во 2025 година, е меѓу вокалните уметници кои во последните години привлекуваат големо внимание на светската оперска сцена. Поради својот вокален опсег и начинот на интерпретација го добива и епитетот „модерен Фаринели“. Со изведбите на улоги кои бараат исклучителна вокална виртуозност, но и силен драмски израз, тој гради впечатлива меѓународна кариера.

Неговата популарност не се ограничува само на концертните и оперските сцени. Лихт е исклучително присутен и на социјалните мрежи, каде што неговите настапи и видеа имаат стотици илјади следбеници и милиони прегледи. На тој начин, тој придонесува операта да стигне и до нова, помлада публика.

Во новата сезона Лихт го очекуваат повеќе значајни ангажмани. Ќе дебитира во Холандската национална опера во Амстердам како Ра во премиерата на „Реквием за Мариза“ од Мерич Артач. Ќе ја толкува и главната улога во операта „Александар во Индија“ во Театер ан дер Виен, а ќе настапи и како Нероне во „Крунисувањето на Попеја“ во Театарот „Понкиели“, во рамките на фестивал посветен на Монтеверди.

Негов сценски партнер ќе биде полскиот пијанист Пшемек Виницки, кој зад себе има бројни награди од меѓународни натпревари во Полска и во странство. Виницки во 2022 година дебитираше во Берлинската филхармонија со изведба на „Варшавскиот“ концерт од Ричард Адинсел, а истата година дипломираше на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.

Во неговата богата биографија се издвојуваат првата награда на натпреварот ЕПТА во Србија во 2021 година, втората награда на Меѓународниот натпревар во Исхија, Италија, во 2015 година, како и Гран при на Меѓународниот натпревар на наставници по музика во Варшава во 2013 година. Во 2011 година ја освоил првата награда на натпреварот „Шопен-Рим“, а бил финалист и на натпреварите „Моњушко“ во Минск и „Јамаха“ во Полска.

Како солист настапувал со повеќе реномирани оркестри, меѓу кои Националниот оркестар на Белорусија и оркестарот на Летната академија во Рајхенау, како и со филхармонските оркестри од Краков, Жешув и Лоѓ. Има снимено ЦД со клавирски концерт од Моцарт, а редовно настапува на концертни сцени низ Европа и светот, вклучително во САД, Франција, Шведска, Шпанија, Германија, Белорусија и Австрија.

Со денешната програма „Охридско лето“ на симболичен начин се враќа кон своите почетоци, оддавајќи почит на Ана Липша-Тофовиќ, но истовремено покажувајќи дека и по 66 години фестивалот продолжува да ја следи современата европска и светска музичка сцена.

CATEGORIES
Share This